Полска 2016: Македонија-Норвешка

Македонската ракометна репрезентација, в понеделник, ќе го одигра вториот наторевар во Групата 1 на Европското првенство во Полска. Противник на ‘црвено жолтите’ ќе биде Норвешка, селекција која е најпријано изненадување на овој континетален шампионат.

Image

Македонија, во овој натпревар влегува по тешкиот пораз од Хрватска (24:34), додека Норвешка на општо изненадување славеше над Полска и остана во игра за пласман во полуфиналето.

Натпреварот со Хрватска, дефинитивно беше најлошиот на оваа генерација во изминатите неколку години. Поради тоа паузата од четири дена добро им дојде на избраниците на селекторот Обрван за да ги наполнат ‘батериите’ и да ја разработат тактиката со која ќе им се спротивстават на Скандинавците.

Мотив повеќе за ракометарите ќе биде и фактот што Норвешка може да им го загрози пласманот на квалификациите за ОИ во Рио де Жанеиро.

Во овој момент Македонија има обезбедено настап на квалификациски турнир, но доколку Норвешка стане европски првак или, пак, во финалето игра против Франција, тогаш тие ќе играат квалификации за ОИ.

Норвешка, во многу нешта игра сличен ракомет како и Хрватска, цврста одбрана со брза транзиции и многу шутеви од надворешните позиции. Доколку сака позитивен резултат Македонија ќе мора да игра трпеливо во нападот, со минимум технички грешки, со што би била спречена брзата транзиција на противникот. Одбраната мора да биде цврста, постојано да се излегува на норвешките бекови, а свој ден ќе треба да имаат и голманите, кои не се прославија на последните две средби.

Дуелот Македонија-Норвешка ќе започне во 18:15 часот, а потоа во групата ќе играат Полска и Белорусија.