Полска 2016: Хрватска прв противник на Македонија

Македонската ракометна репрезентација, во четврток, ќе го одигра првиот натпревар во Групата 1 на Европското првенство во Полска. Противник на Македонија во „Таурон арена“, во Краков ќе биде селекцијата на Хрватска, второпласираната селекција во Б групата.

Image

Македонија, во втората фаза влегува без бодови, поради поразите од Франција (23:30) и Полска (23:24), додека Хрватите пренесоа два бода од победата над Белорусија (27:21), а останаа без бодови против Норвешка (31:34).

Македонските ракометари ја немаат традицијата на своја страна кога станува збор за меѓусебните дуели со Хрватска, репрезентација која речиси на секое големо натпреварување влегува во борбата за медали.

Во досегашниот дел од првенството Македонија покажа квалитет и карактер, дека може без проблеми да се носи со најдобрите, најдобар пример за квалитетот е мечот со Полска, а за борбеноста и карактерот мечот со Србија.

Овие два меча беа исцрпувачки за ‘црвено-жолтите’ и токму заморот може да биде нивниот најголем проблем против Хрватска, која не блескаше на првите два меча, а во третиот го покажа својот потенцијал.

Хрватите рутински славеа над Белорусија, потоа пружија анемична игра во поразот од Норвешка, за во последното коло да го декласираат Исланд.

Дуелот со Исланд, Хрватите го решија по само 15 минути, па селекторот Бабиќ имаше можност да ги ротира сите играчи, што значи дека ‘коцкестите’ се многу поодморни од македонските репрезентативци, а и факт е дека нивната клупа е ‘подолга’.

„Со години го водев Металург, повеќето играчи во репрезентацијата на Македонија се ‘мои’. Тие созреаа како играчи и се многу незгодни како екипа. Македонија игра поинаков ракомет од Хрватска. Ги краси војничка дисциплина и фанатична борбеност. Тактички се перфектно подготвени и немојте да мислите дека на Македонсците ќе им паѓаат топките во првите 15 минути, како што тоа им се случуваше на Исланѓаните. Против Македонија ќе треба да се работи крваво на теренот во текот на целиот натпревар. Со исклучок на Кире немаат ниту една екстра ѕвезда, но затоа имаат тим. На крајот на краиштата, Македонија петти пат во низа се пласира на едно големо натпреварување, што доволно говори за нивниот квалитет“, изјавил за порталот „index.hr“, тренерот на Металург и поранешен хрватски селектор, Лино Червар.

Натпреварот во Краков помаѓу Македонија и Хрватска ќе започне во 20:30 часот,  претходно од 18:15 часот, програмата во Групата 1 ќе ја отворат Франција и Белорусија.