Претставата „Жорж Данден“ на отворената сцена во Ново Лисиче

Љубителите на комедијата во понеделника, со почеток во 21 часот во рамките на фестивалот „Гола месечина“, ќе можат да ја проследат претставата „Жорж Данден“ по текст на Молиер во режија на Драгослав Савиќ, а во изведба на Народниот театар од Ниш.

Image (18)

Во оваа комедија Молиер се занимава со темата на ново-печените богаташи, правејќи ја пиесата сериозна критика на помодарството, лицемерието и болната склоност кон „високите кругови“.

Жорж Данден, селски богаташ, обидувајќи се да се доближи до аристократија и да се здобие со благородничка титула се жени со благородничка, која го презира и мами. Неговата суета, глупоста и алчноста ќе го доведат до дното, а тој понижен ќе сфати дека со парите не може да се купи најскапоцената работа – љубовта.

Во вторник пак, на репертоарот е претставата „Македонска приказна“ од Боњо Лунгов во продукција на Театар за деца и младинци, а во среда фестивалот завршува со претставата на Театар`Комедија „Нешто пропуштаме“ од Горјан Милошевски во режија на
Бојан Трифуновски, кога ќе бидат прогласени и победниците.

Инаку, во неделата на истата сцена се одигра претставата „Парламентарки“ од Сашо Димоски во режија на Ненад Витанов во продукција на Центар за култура Охрид, Македонија, која ја крена публиката на нозе.