Протест за убиството на Мартин Нешкоски, една година од објавувањето на „бомбата“

Граѓанското движење „Протестирам“ за во четврток најави протести за како што велат „скриеното убиство“ на Мартин Нешкоски кој беше убиен на 6 јуни 2011 година на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Image (6)

Ќе се протестира по повод една година од објавувањето на прислушуваните разговори од страна на опозицијата за убиството на Нешкоски што предизвика протести пред Владата кога имаше и повредени и приведени.

„Денеска е 5 мај! Денеска е една година откако слушнавме како Груевски, Јанкулоска, Мијалков и нивните соработници се обидоа да скријат убиство! Денес е една година откако полицијата насилно влезе и удри по студентите во библиотеките! Денес е 5 мај! Тие се на слобода, но ние сме на нозе!“, соопштија од движењето.

Според она што беше објавено во разговорите, тогашниот шеф на обезбедувањето на премиерот Никола Груевски, Дејан Митровски – Урко и неговите соработници, два дена молчеле за деталите за убиството на Мартин Нешкоски на плоштад, ноќта по изборите на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, од полицаецот на должност Игор Спасов.

Митровски го викнал Спасов да дојде во Скопје во дом на АРМ каде се славеше победата на ВМРО-ДПМНЕ и го криел убиството и од функционерите во МВР. Митровски не се појави како сведок во судот.

Во разговорите се слуша, како тогашниот помошник за медиуми на Јанкулоска, Иво Котевски, за новинарите се изразува дека се „таленти, идиоти, што прашувале за убиено момче на плоштад“, како се барале начини за убиството да не известуваат медиумите…

Во разговор меѓу Јанкулоска и Котевски се слуша: „Велат дека Алфите убиле дете, а тој е починат, од смрт, нема траги од насилство, на плоштад…“, „Нека дојде нека даде изјава… денес е победнички…“

Во разговор меѓу Јанкулоска и Протуѓер, тој бара да одговорат „за некое дете што било убиено на плоштад…“, „Одговоривме, нема такво нешто, од обдукцијата нема траги на насилство… не е ни пријавено… тој наркоман бил изгледа…“

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска по објавувањето на „бомбата“ изјави  дека е сосема ирелевантно дали осудениот за убиството, Игор Спасов бил или не бил на работа во моментот на убиството.

Според Јанкулоска, МВР максимално брзо, во рок од 22 часа го расветлила убиството и фактот дали Спасов бил на работа или не во моментот на убиството и дали имал писмена или усна наредба не го намалувало степенот на одговорност на осудениот.

Истрагата на  Министерството за внатрешни работи ја кочело тоа што до полицијата немало никаква пријава ниту за исчезнато лице, а имале проблем и да го утврдат идентитет на лицето.

Министерството имало писмен материјал со службени белешки за претпоставените на Спасов, а како што рече Јанкулоска, биле повикани и како сведоци пред суд.

По објавувањето на снимките од опозицијата, пред Владата беа организирани протести на повик на братот на убиениот Мартин преку социјалните мрежи, на коишто се бараше оставка од министерката Јанкулоска. На протестите беа повредени 38 полицајци, а 30 демонстранти беа приведени.

Спасов одлежува затворска казна за овој случај од 14 години.