Протонската терапија во лекувањето рак има помалку нуспојави

Протонската терапија, односно зрачењето со протони, подеднакво е ефикасна како и зрачењето со рендген зраци, но има многу помалку несакани појави, покажува новото истражување чиишто резултати се објавени во меѓународното научно списание The Lancet Oncology.

Image

Резултатите се базираат на истражувањето спроведено врз 59 пациенти на возраст од 3 до 21 година во периодот меѓу 2003 и 2009 година. Сите пациенти, кои терапијата ја примале во Општата болница во американската сојузна држава Масачусетс, биле лекувани од најчестиот малиген тумор на централниот нервен систем кај децата, или медулобластом, пишува водителката на истражувањето др Торун Јок.

По пет години, стапката на преживување била иста како и кај пациентите лекувани со конвенционалната радиотерапија, но со многу помалку нуспојави, заклучува.

„Големо откритие претставува тоа што протонската терапија е исто толку ефикасна како и конвенционалната терапија со рендгенско зрачење, а она што особено нé радува е дека значително помалку го оштетува здравото околно ткиво, поради што значително се подобрува квалитетот на живеењето на пациентите“, вели др Јок за BBC.

Со нејзиното тврдење се согласува и независниот експерт др. Жил МекКена, управител на Одделот за онкологија на Универзитетот Оксфорд, кој вели дека терапијата овозможува „значително намалување на нуспојавите“.

За разлика од традиционалното зрачење со рендгенски зраци кои тешко се контролираат и честопати го оштетуваат здравото ткиво во близина на туморите, протонското зрачење на туморното ткиво е многу прецизно. Протонските зраци со себе ги носат мали позитивно набиените честички (протони), а ги произведува уредот циклотрон. За жал, оваа терапија е извонредно скапа.

При терапијата пациентот цело време седи во роботичка столица, имајќи предвид дека е многу полесно да се преместува столицата отколку целата апаратура, бидејќи туморот мора да се „гаѓа“ од различни агли.

„Нема оштетување на срцето, белите дробови ниту на гастроинтестиналниот тракт, кои се речиси вообичаени кај терапијата со рендгенски зраци, а не забележавме ниту развој на секундарен карцином во фазата кога тој веќе бил присутен при конвенционалните начини на лекување“, тврди др Јок.

Споменатата терапија кај заболените од карцином се користи експериментално од 1990 година, меѓутоа центрите за лекувања со овој вид терапија постојат само во САД. Првата специјализирана установа за овој вид лекување во Велика Британија би требало да биде изградена во Њупорт до крајот на 2016 година, а инвеститор е владата на Велс.