Путин нареди повлекување на руските трупи од Сирија

Рускиот претседател Владимир Путин во понеделник соопшти дека дал упатства на вооружените сили да почнат со повлекување од Сирија, пет месеци по наредбата за започнување на воена операција со цел поддршка на сирискиот претседател Башар ал-Асад.

Image
Путин на состанокот во Кремљ со министрите за одбрана и надворешни работи, рекол дека руските воени сили во Сирија ги исполниле своите цели и дека донел одлука да ги засили напорите на руската дипломатија во насока на постигање на мировен договор.

Но, нагласил дека Москва ќе го задржи военото присуство. Рускиот претседател не го наведе крајниот рок за завршување на повлекувањето, туку додаде дека руските сили ќе останат во пристаништето Тартус и базата Хмејмин во сириската покраина Латакија.

За аналитичарите политичките импликациии на одлуката на Путин не се познати. Не е познато дали Русија ќе ги прекине воздушните напади, но извесно е дека ќе ја зачува воената способност за интервенција во Сирија.

Путин телефонски го информирал Асад за руската одлука кога е објавена во денот кога во Женева продолжија мировните преговори меѓу завојуваните страни во Сирија, под патронат на ОН.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Путин и Асад не разговарале за политичката иднина на сирискиот претседател.

„Ефикасното дејствување на нашата војска создаде услови за почеток на мировниот процес“, истакна Путин на состанокот со најблиските соработници.

„Со помош на руската војска, сириските вооружени сили и патриотските сириски сили успеаја да остварат голем пресврт во борбата против меѓународниот тероризам и да ја преземат иницијативата во сите аспекти“, истакна рускиот претседател.

Путин нареди интензивирање на руските дипломатски напори за да се постигне мировен договор за завршување на граѓанската војна во Сирија, која влезе во петтата година и во која беа убиени илјадници, а раселени милиони луѓе, кои своето засолниште го побараа во Европа.

Кабинетот на сирискиот претседател се огласи со соопштение и потврди дека одлуката за повлекување е во согласност со „продолжувањето на примирјето и состојбата на теренот“.