Агенцијата ја обвинува пејачката за измамата со евтини авиобилети на Македонците од САД

„За секој евентуално настанат проблем при патувањето патникот е должен да достави приговор во туристичката агенција за да може да се разгледа и да му се одговори“, реагираат денеска од „Сториа травел“, понаписите на „Мета“ за измамата со наводни евтини авиобилети на Македонци кои живеат во САД и во Австралија.

avion-so-patnici

Имено, како што пишувавме неодамна, на Македонци кои живеат во Соединетите Американски Држави им биле земени пари во готово со ветување за евтини авиобилети до скопскиот аеродром. Целата ујдурма настанала за време на новогодишните прослави за Македонците во дијаспората. Според иселениците, со кои што разговараше „Мета“, на новогодишна прослава, пејачката која ги забавувала, по потекло од Прилеп, им понудила евтини авиобилети до Македонија преку австриската авионска компанија „Aустриан ерлајнс“.

Дел од нив случајот веќе го пријавиле и во полиција.

Од агенцијата „Сториа травел“, пак, велат дека фолк пејачката Елена Јовческа е вработена кај нив на работно место референт за продажба и е потписник на жиро-сметката на агенцијата од каде примала плата и била должна да работи согласно закон.

„Бараме од вас  да ни доставите доказ дека Елена Јовческа преку вашиот портал ги дала изјавите и доколку тоа е точно таа веднаш ќе биде суспендирана од работното место, сите овластувања ќе и бидат одземени и против нејзе ќе се преземат мерки согласно закон“, стои во дописот до „Мета“, од „Сториа Травел“.

Од агенцијата понатаму велат дека поседуваат А лиценца за работа.

„За да се добие А лиценца покрај другите услови потребно е да поседува и банкарска гаранција или полиса за осигурување на износ од 100.000 евра која „Сториа травел“ ја поседува. Секој патник кој не се придржува согласно закон, а спротивно на општите услови за патување, кои со потпишување на договорот за аранжман ги прифатил, ќе биде тужен за надомест на штета“, се вели во дописот.

Пејачката Елена Јовчевска тврди дека и таа е измамена од газдарицата на агенцијата.

– Јас работев кај неа затоа што ме замоли, поради тоа што ми е прва братучетка. Кога одев на настапи, им нудев билети за авионски превоз на Македонците, а парите ги добиваше таа. Што правела потоа со нив, не знам. Знам само дека сум измамена – ни изјави Јовчевска.

Сопственичката на „Сториа травел“, Јасмина Јорданоска-Чебренска, не можевме да ја добиеме на нејзиниот телефон. Агенцијата веќе две недели е затворена, а Чебренска со денови не е во Прилеп и Македонците од САД и Австралија, оштетени за авионски билети, не можат да ја најдат за да поднесат приговор.

Адвокатите што ги консултираше „Мета“ велат дека Македонците можеби и немаат судски случај во оваа приказна. Според нив, тие парите ги дале во готово, без потврда, па нема доказ за извршената наплата.

Од МВР се уште немаат пријава за сторена измама и инсистираат измамените Македонци да го пријават случајот во полициска станица, за да може тој да се процесуира.

Инаку, Чебренска е познато име во полициската евиденција. Таа во 2012 година како управител на прилепската туристичка агенција „Вијаџо“, доби 30 дена притвор за кривично дело измама. Пријавата до полицијата и до обвинителството беше поднесена од триесетина измамени граѓани кои платиле туристички аранжмани за Грција, Шпанија и за Египет, но ниту ја добиле услугата, ниту парите им се вратени. Полицајци, судии, обвинители, адвокати, пратеници и бизнисмени од Прилеп беа измамени од оваа туристичка агенција.

Кога тие стигнале до посакуваната дестинација, нивните имиња ги немало на листата за резервација во хотелите. Наместо на плажа, дел од измамените прилепчани два дена се влечкале со торбите од еден во друг хотел во надеж дека ќе се најде некакво решение. Првичните процени, според медиумите, беа дека измамата надминува 120.000 евра.