Регистриран прв случај на заболен од вирусот Зика во Данска

Прв случај на заразен со вирусот Зика е регистриран во Данска, а се работи за младо момче кое патувало во Јужна и Централна Америка.

Image

Вирусот Зика кој го пренесуваат комарците предизвикува тешки последици кај новородените и резултира со драстично намалување на растот на главата, што предизвикува тешки деформации на физичките карактеристики, но и на менталното здравје, а може да предизвика и смрт.

Вирусот Зика зеде замав во Латинска Америка, а во Бразил има пријавено 4.000 заболени од ноември наваму.

До сега вирусот е откриен кај пациенти во Централна и во Јужна Америка, а се шири во САД, додека Светската здравствена организација предупреди за негово ширење во Канада и во Чиле.

Британија, исто така пријави неколку случаи на заболени, а тоа се луѓе кои патувале во Јужна Америка.

Данецот во болница се пожалил на грип, а тестовите направени во вторник покажале присуство на вирусот Зика. Но, тој е во добра здравствена состојба и е пуштен дома. Лекарите велат дека се работи за млад маж, па нема како вирусот да се пренесе на фетус.

Според лекарите, бидејќи комарците Аедес ги нема во Данска, нема ризик од ширење на болеста, но сепак има два случаи на заболени, каде вирусот е пренесен преку сексуален контакт.

До сега, овој вирус се појавил во 23 земји, а здравствените власти во одредени држави ги советуваат жените да го одложат забременувањето, бидејќи иако Зика дава полесни симптоми кај трудницата, може да предизвика тешки оштетувања на мозокот кај плодот.