Македонија треба да одбие каков и да е притисок за промена на името. Според меѓународното право, таа има право да го користи името што самата го избрала. Ако одредени лица во Македонија сега се залагаат за промена на името, кое име тие го сакаат Македонија да го користи? Име избрано од Грција? Секое име диктирано од Грција ќе го уништи идентитетот на македонскиот народ. Дали тоа го сака кој било Македонец?, потенцираше Робин О Нил, британски амасадор и поранешен медијатор во грчко македонскиот спор во екслузивното интервју за програмата Гласот на народот со Слободан Томиќ.

Робин О Нил, британски дипломат и првиот посредник во спорот за името притоа порачува: „Мојот совет до Владата на Македонија останува ист каков што беше во изминативе години: сега Македонија треба да се обрати до Обединетите нации за да ѝ се признае уставното име, и веќе да биде надвор од секакво прашање или спор. Тогаш, ќе биде многу тешко за која и да е членка на Европската унија да тврди дека името треба да се менува“, нагласува О Нил.
Британскиот екс амбасадор, исто така, во контекстот на грчко-македонскиот спор за името прави резиме на владата на ВМРО-ДПМНЕ водена од поранешниот премиер Никола Груевски и притоа оценува дека е „восхитен“ од.„силата со којашто“ македонската влада последните години опстојува на позициите да не го промени името „туку едноставно ќе го прави она што никогаш нема да го реши проблемот“.
„Грција е среќна да го остави ова прашање неразрешено за навек, при што Македонија ќе биде исклучена од местото што ѝ припаѓа во Европа, затоа што знае дека единственото решение за прашањето со името на крајот ќе биде тоа што светот во целост ќе се согласи – дека Македонија е Македонија!“, истакнува О Нил.
Во однос на прашањето за референдум околу името на Македонија, О’Нил во прв ред го поставува прашањето какво ново име ќе биде предложено и додава дека раководејќи се од минатонеделниот британски референдум си кој тамошните гласачи изгласаа Обединетото Кралство да ја напушти ЕУ, самиот тој е категоричен дека „референдумот е опасен инструмент и можеби ќе ви даде глупав одговор“.
Задржувајќи се на актуелните случувања во Британија за и околу Brexit, амбасадорот О’Нил посочува дека „Сега, сите сме соочени со многу тешки одлуки и огромен број преговори во ЕУ, а политичката положба на Унијата во светот, како и на Обединетото Кралство, се нарушени“.
„Но, какви се импликациите за Македонија? Британија постојано го поддржуваше приемот на Македонија за членство во Европската унија, но надвор од Унијата веќе нема да бидеме во можност да помогнеме во оваа смисла. Сепак, не смееме да заборавиме дека процесот на напуштање на Европската унија во најдобар случај ќе потрае неколку години, а до тој датум Британија сé уште ќе биде членка“, потенцира британскиот дипломат.
О’Нил е убеден дека и сé уште верува дека е во интерес на Европската унија Македонија да биде нејзина членка, и се надева дека една од последиците од британската одлука за членство нема да биде да се запре приемот на нови членки во Унијата.
„Сите ја знаеме вистинската причина зошто Македонија не е примена во Европската унија. Според мене, забелешките на државата која не сака да ја види Македонија примена, одат пошироко од само прашањето за името. Постојат луѓе кои сé уште би сакале да видат Македонија, како држава, како независна држава, да исчезне. Ова го кажувам многу отворено. Значи, дури и ако Македонија го промени името, верувам дека ќе бидат изнесени нови причини зошто таа да не биде примена во Европската унија или во НАТО“, заклучува амбасадорот од кариера Роберт О’Нил.