САД би можеле да им го признаат на компјутерите статусот возач

Американската управа за безбедност во сообраќајот објави дека би можела да го признае статусот на возач на компјутерот што управува со возило, трасирајќи го патот за воведување во сообраќај на возилата со автопилот.

Image
Во одговорот на технолошкиот гигант Google, Американската управа за безбедност во сообраќајот наведува дека сегашните прописи кои уредуваат кој е возачот се застарени.

„Се согласуваме со Google дека возилата со автопилот нема да имаат возач во традиционална смисла“, се наведува во одговорот што го објави владината агенција.

Според важечките прописи, возачот е „лице што седи зад управувачкиот контролен систем во возилото“, но Google истакнува дека правилото е бесмислено во случаи на возила без управувач или педали.

„Доколку во возилото нема човек што управува со него, попаметно е да се дефинира возачот како ‘она’ што вози“, наведува Агенцијата.

„Во овој случај опремата на моторното возило управува со него“, се наведува во писмото.

Но, и покрај позитивното мислење на националната управа секоја одделна американска сојузна држава сама ќе одлучува дали може возилата на Google со автопилот да сообраќаат по нивните патишта.