САД: Гери Џонсон претседателски кандидат на Либертаријанската партија

Либертаријанската партија во неделата официјално го номинираше поранешниот гувернер на сојузната држава Ново Мексико за американските претседателски избори кои ќе се одржат на 8-ми ноември.

Image

Гери Џонсон верува дека гласовите ќе му ги донесат неговата искреноста и ненаклонетоста на избирачите кон етаблираните политичари, што и се покажува со големата поддршка што ја има милијардерот Доналд Трамп кој победи на предизборите во Републиканската партија.

Покрај со Трамп кој веќе го доби квалификуваното мнозинство делегати кај републиканците, Џонсон ќе се соочи и со поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, која е најверојатен победник кај Демократската партија.

Поранешниот гувернер на Ново Мексико веќе се кандидираше за Либертаријанската партија на изборите во 2012 година кога одвај доби еден отсто од гласовите. Меѓутоа, неодамнешните анкети му даваат 10 отсто од гласовите во соочувањето со Трамп и Клинтон.

На овие избори Џонсон смета на можниот хаос предизвикан со победата на Трамп на републиканските предизбори и проблемите што ќе ги има Хилари Клинтон со истрагата на FBI за користењето на приватната електронска пошта за официјалната преписка, да го надмине својот резултат од пред четири години.