Сеул смета дека Пјонгјанг блефира оти поседува хидрогенска бомба

Јужнокорејското разузнавање смета дека станува збор за блеф изјавата на челникот на Северна Кореја, Ким Јонг-Ун, дека неговата земја поседува хидрогенска (водородна или термонуклеарна) бомба, соопштија во четвртокот на брифинг со новинарите во Сеул претставници на агенцијата.

Image

„Не располагаме со никаква информација за тоа дека Северна Кореја поседува хидрогенска бомба. Не веруваме дека Пјонгјанг, кој сé уште не е во можноста да создаде компактно нуклеарно оружје, има технологија за производство на хидрогенска бомба“, изјави портпаролот на разузнавачката служба на Јужна Кореја.

Додаде дека во агенцијата сметаат оти изјавата за поседување вакво оружје од страна на севернокорејскиот челник Ким Јонг-Ун е неговата „вообичаена реторика“.

Според јужнокорејските експерти, Пјонгјанг во моментов не располага со толку висока технологија, но може да врши истражува во оваа сфера.

„Зборувајќи за наводно поседување хидрогенска бомба, Северна Кореја има намера да ги поттикне САД на поскоро започнување на преговорите за склучување мировен договор“, смета вишиот научен соработник на Институт за мир и обединување на Сеулскиот државен универзитет, Чанг Јонг-Сок.

Претходно во четвртокот севернокорејската државна агенција KCNA го цитираше челникот Ким Јонг-Ун дека Северна Кореја е „подготвена да употреби атомска и хидрогенска бомба за да обезбеди заштита на суверенитетот и достоинството на нацијата“.

Челниците на Работничката партија на Кореја и на Националната комисија за одбрана рекле дека работат на натамошно јакнење на одбраната на земјата, што, како што истакнал Ким, ќе ги оневозможи провокациите на непријателите на Северна Кореја. Ким бил придружуван од началникот на Главната политичка управа на Корејската народна армија, вицемаршалот Хванг Бјунг Со, и други високи воени и партиски личности

И во минатото Пјонгјанг честопати предупредуваше дека ќе продолжи да го развива својот нуклеарен потенцијал „сé додека во светот постои нуклеарната закана и уцена“ од САД.