Се снима нова серија за деца „Вистински приказни“

Во тек е снимањето на новата играна серија за деца во 20 продолженија „Вистински приказни“ според сценарио и режија на Кузман Кузмановски. Серијата ќе се снима во период од 2,5 месеци на повеќе локации низ Македонија и во студијата на МТВ. Овој проект е ко-продукција на Аурипигмент и Македонска телевизија, а во соработка со филмското училиште „Тинтири Минтири“.

Image (1)

Главната актерската екипа ја сочинуваат група деца од 6 до 15 години, како и актерите Александра Павлова, Илија Илиоски, Ванчо Петрушевски, Владо Дојчиновски и многу други.

Приказната е за група деца кои на еден таван пронаоѓаат стара, но вредна книга. Поучните вистински приказни се содржина на оваа книга, а се инспирирани од богатата вековна македонска традиција.

„Овој проект произлегува  и е наменет за деца. Нескромно ќе кажам дека работиме со одлична актерска екипа од деца што секојдневно ме изненадува со својот ентузијазам и талент. Уверен сум дека правиме вистинска работа за гледачите. Сакаме да ги научиме и потсетиме децата и родителите на малку подзаборавените семејни вредности кои се помалку наоѓаат место во воспитувањето заради динамичниот начин на живот и разни други причини. Целта не ни е да критикуваме, туку да афирмираме. Афирмираме здрав начин на живот,  почит, љубов, соработка, другарство.  Да се потсетиме што е најважно во животот. Да си повториме дека добрината стократно се исплатува, доколку не очекуваш ништо за возврат. Ова воедно се премиси на повеќеијладагодишната македонска традиција од која црпиме инспирација во сите сфери на животот, па и во оваа серија“, вели Кузман Кузмановски, автор на проектот.

Во проектот учествуваат 80-тина деца членови на филмското училиште „Тинтири Минтири“, кои за актерскиот предизвик во „Вистински приказни“ се подготвуваат цела година.

Тимот за продукција на оваа серија го сочинуваат Кузман Кузмановски како сценарист и режисер, Калина Кузмановска како продуцент, Кирил Шентевски како директор на фотографија, Тања Рибарска како монтажер и други.

макфакс