Симптоми кои покажуваат лоша работа на штитната жлезда

Штитната жлезда може да има драматично влијание врз бројните телесни функции. Ако сте жена над 35 години, можностите за пореметување на штитната жлезда, според некои проценки, се повисоки од 30 отсто.

hiper-41

Според проценката на Американското здружение на клинички ендокринолози, најмалку 30 милиони Американци имаат пореметување на штитната жлезда, додека кај половина заболени состојбата не е дијагностицирана. Жените се за десет пати посклони кон проблеми со штитната жлезда.

Хормоните што ги произведува оваа жлезда сместена под гркланот ги регулираат, помеѓу останатото, телесната температура, метаболизмот и работата на срцето. Работите можат да се влошат кога штитната жлезда работи премалку или премногу. Причини за лошата работа на штитната жлезда можат да бидат генетиката, бременоста, стресот, недостаток на хранливи материи, токсини во околината, но стручњаците се уште не се во потполност сигурни.

Еве неколку симптоми кои упатуваат на тоа дека би требало да ја проверите работата на штитната жлезда:

Исцрпени сте

Чувството на исцрпеност може да биде поврзано со бројни состојби, но постои голема поврзаност со хипотиреозата, пореметување кое е резултат на создавањето на премалку хормони на штитната жлезда. Ако сте уморни веднаш штом се разбудите, дури и ако цела ноќ сте имале квалитетно спиење, тоа би можело да значи дека штитната жлезда не ви работи доволно добро.

Се чувствувате безволно

Чувството на тага и безволност може да бидат поврзани со симптомот на хипотиреоза. Хормонот на штитната жлезда може да има влијание врз нивото на „хормонот на среќата“, серотининот, во мозокот.

Нервозни сте и нетрпеливи

Овие чувства можат да бидат поврзани со хипертиреозата, кога штитната жлезда произведува премногу хормони. Преплавен со хормони вашиот организам може да биде во петта брзина.

Се смениле апетитот и вкусот на храната

Зголемениот апетит може да биде знак на хипертиреоза, затоа што заради премногу хормони можете постојано да имате чувство на глад. Од друга страна, забавената работа на штитната жлезда може да ви го смени впечатокот за вкусовите и мирисите на храната.

Збунети сте

Тоа може да биде причина од ненаспаност или стареење, но когнитивните функции можат да бидат на удар на лошата работа на штитната жлезда. Кога станува збор за премногу хормони, можете да имате потешкотии со концентрацијата, а кога станува збор за премалку хормони, можете да станете заборавни и да ви се јават „дупки“ во помнењето. Жените тоа честопати погрешно и го припишуват на менопаузата.

Изгубивте интерес за секс

Малку или ниту малку интерес за сексуален живот може да биде последица од пореметувањето на работата на штитната жлезда. Премалку хормони може да влијаат врз ниското либидо, но кумулативното влијание на другите симптоми на хипотиреозата – дебелеење, недостиг од енергија, болка во телото – исто така играат голема улога.

Возбудени сте

Тоа чувство кое го имате можеби е последица од забрзано чукање на срцето. Можете да имате чувство како срцето да ви прескокнува или да ви чука пребрзо или пресилно. Тоа го чувствувате во градите или кога ќе ги допрете пулсирачките точки во грлото или вратот. Чукањето на срцето може да биде знак на хипертиреоза.

Сува кожа

Сувата кожа која се лупи може да биде знак на хипотиреоза. Промените во текстурата на кожата и изгледот поврзани се со забавен метаболизам, што може да го намали потењето. Кожата со недоволна влажност брзо станува сува, а ноктите стануваат кршливи и нерамни.

Работата на цревата е непредвидлива

Луѓето со хипотиреоза понекогаш се жалат на констипација. Од друга страна, претераното производство на хормони на штитната жлезда може да предизвика пролив или почеста столица.

Пореметен менструален циклус

Подолги менструации со посилни болки можат да бидат знак на хипотиреоза. Скратен е периодот меѓу две менструации. Со хипертиреоза, крварењето е поблаго и трае пократко, а растојанието помеѓу две менструации е поголемо.

Болни екстремитети или мускули

Ако одненадеж имате чувство на трпнење или болки во рацете, нозете, стапалата или дланките, тоа би можело да биде знак на хипотиреоза. Со текот на времето, премалку хормони на штитната жлезда можат да ги оштетат нервите кои од мозокот и р’бетниот мозок праќаат сигнали низ телото. Резултат на ова се необјасниви прободувања и трнци.

Висок крвен притисок

Ова исто така може да биде знак на пореметување на работата на штитната жлезда. Истото важи и за хипотиреоза и за хипертиреоза.

Пореметено регулирање на телесната температура

Чувството на ладно е поврзано со хипотиреоза, а од друга страна пак, кај оние со хипертиреоза е обратен случај – понекогаш им е претопло и претерано се потат.

Засипнати сте и имате чудно чувство во вратот

Промените во гласот или чувството на кнедла во грлото се поврзани со пореметувањето на штитната жлезда. Добро погледнете го вратот за да видите дали имате некакви знаци за отекување на штитната жлезда.

Гледајте си го грлото додека пиете вода и обидете се да забележите дали постојат некакви испакнатини во подрачјето на жлездата која се наоѓа под гркланот.

Пореметен сон

Постојано ви се спие? Би можело да биде хипотиреоза бидејќи мрзливата штитна жлезда ги забавува телесните функции. Не можете да спиете? Би можела да биде хипертиреоза. Претераната работа на штитната жлезда предизвикува тескоба и го забрзува пулсот, заради што тешко спиете.

Косата ви паѓа

Сувата, кршлива коса може да биде знак на хипотиреоза. Премалку хормони го попречуваат циклусот на растење на влакната што може да предизвика губење на влакната по целото тело. Премногу активната жлезда исто така лоши влијае вез влакнетоста, но само на косата.

Не можете да забремените

Ако подолго време безуспешно се обидувате да добиете дете, за тоа би можела да биде причина претерано или премалку активната штитна жлезда. И двете состојби влијаат врз овулацијата.

Висок холестерол

Високо ниво на лош холестерол кое не реагира на исхрана, вежбање или лекови, поврзано е со хипотиреоза. Нелекуваната хипотиреоза може да доведе до срцеви проблеми, вклучувајќи проширено срце и срцев удар.