Собранието ја изгласа новата влада

Со 71 глас „за“, девет воздржани и ниту еден против од 112-те присутни пратеници, во понеделникот доцна вечерта пратениците во Собранието го изгласаа составот на Владата на мандатарот Емил Димитриев, која треба да ја води земјата до завршувањето на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 24-ти април кој во своето експозе истакна дека Македонија се наоѓа пред важен политички моменти и апелираше до опозицијата да одигра конструктивна улога во овие процеси.

Image

Во своето експозе Димитриев како приорите го посочи организирањето фер и демократски избори, на коишто граѓаните ќе одлучат „кому ќе му ја дадат својата доверба“, како и продолжување на политиките за осигурување на иднината на граѓаните и вклучување во „нов циклус кој ќе го карактеризира позитивната енергија“.

„Граѓаните се тие кои одлучуваат, а ние треба и ќе продолжиме да работиме за нив, за нашата земја Македонија и за нашата заедничка иднина. Ние ја имаме одговорноста пред граѓаните, и во вакви сложени времиња, не отстапуваме, продолжуваме одговорно, достоинствено, со чесна намера, и во интерес на граѓаните и на Република Македонија, рече Димитриев.

„Имаме историска одговорност сите ние да се вклучиме во еден нов почеток, во еден нов циклус кој ќе изобилува со позитивна енергија и пристап. Граѓаните од нас очекуваат одлуки и обезбедување на нивната иднина и наша обврска е тоа да им го овозможиме“, додаде новиот премиер.

„Да дадеме нов ветер во грб на евоатланските интеграции. Ние тоа го можеме, а знаеме и како. Македонија е нашата татковина и ние треба да и возвратиме. Голема одговорност и чест е да се предводи Владата која ќе ги организира изборите“, рече
Димитриев во својот прв настап во Собранието на новата должност.

Му се заблагодари на премиерот Никола Груевски за неговиот досегашен ангажман и укажаната кон него доверба да ја предводи преодната Влада.

„Преодната Влада ќе го продолжи патот за реализација на изборниот процес. Основна цел се фер и демократски избори. Државните институции ќе дадат максимална поддршка на ДИК за реализација на зацртаните цели. Ја повикувам опозицијата на конструктивност. Преодната Влада ќе направи се за фер и демократски избори. И вие треба да се вклучите во овој процес. Максимално фокусирани ќе останеме на реализација на владините проекти. Сите членови на Владата не смеат да отстапат од проектите кои се зацртани“, порача Димитриев.

По изборот членовите на Владата дадоа свечени изјави. Иако беа предложени од мандатарот на седницата не присуствуваа министрите од опозицијата за внатрешни работи и за труд и социјална политика Оливер Спасовски и Фросина Ташевска Ременски. И пратениците на СДСМ во текот на експозето на Димитриев ја напуштија салата.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ треба да биде привремен премиер за организирање на предвремените парламентарни избори, за што во четвртокот одлука донесе Извршниот комитет на владејачката партија. Димитриев ќе треба да состави техничка влада, која ќе треба да организира предвремени парламентарни избори, кој најверојатно ќе се одржат на 24 април.

Претходно во понеделникот претседателот на Собранието, Трајко Вељановски на собраниска седница констатираше дека е усвоена оставката, што во петокот ја поднесе премиерот Никола Груевски.