Со иста тактика и ритам во последните 15 минути во Скадар: Македонија има и уште една замена плус

Македонската репрезентација се очекува со еднаква тактика и ритам, како во второто полувреме на синоќешниот дуел, да ги одигра и последните 15 минути од првиот наш квалификациски натпревар против Албанија, за пласман на СП 2018 во Русија.

Pandev-so-Albania-2-615x400

Селекторот Ангеловски за финишот од средбата против Албанците, при резултат 1-1, на теренот ќе ги има Захов, во одбраната Мојсов, Шиков и Ристески, по крилните дефанзивни позиции Стефан Ристовски и Жута, во средниот ред Петровиќ, кој влезе на местото на Стјепановиќ, и Стефан Спировски. Во нападот, покрај Пандев и Алиоски, ќе биде и Далибор Ѓорѓев кој во 74. минута го замени Ферхан Хасани.

Стручниот штаб на располагање има уште една замена. Изборот од клупата сигурно ќе биде еден од офанзивците, Иван Тричковски, Бесарт Ибраими или Илија Несторовски.

Не е никаква тајна дека Албанците последните 15 минути ќе ги играат максимално офанзивно, во желба да дојдат до победничкиот погодок. Тоа, без сомнение, отвора простор за македонските фудбалери преку контра напади да го загрозат голот на Етрит Бериша, и да се стигне и до посакуван погодок за комплетен пресврт. За селекторот на Албанија, Џани Де Бјази дополнителен проблем е повредата на Џимшити, а домашните веќе ги реализираа сите три замени на дуелот.

Македонија и Албанија меѓусебниот натпревар ќе го доиграат денеска од 14 часот на стадионот „Лоро Боричи“ во Скадар. По 75 минути игра, резултатот е 1-1. Поведоа Албанците со голот на Садику во 9. минута, а израмни Алиоски во 51. минута.

ekipa.mk