Спасовски го прекина престојот во Прага поради политичката состојба во Македонија

Заради новонастанатата политичка ситуација во Македонија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го прекина престојот во Прага и најавеното учество на конференцијата на Вишеградската група, соопштија од МВР.

Image

На конференцијата учествувале амбасадорот на Македонија во Чешка, Паскал Стојчевски и претставник од министерството за внатрешни работи на Македонија.

Имено, по вчерашното формирање на новата техничка влада, на чело со премиерот Емил Димитриев, која треба да ги спроведе закажаните предвремени парламентарни избори на 24 април годинава, опозициската СДСМ се уште нема одлучено дали нејзините двајца министри кои станаа дел од владата, поради исполнување на одредбите од Договорот од Пржино, ќе продолжат со нивната работа.

На седницата за формирање на новата влада, Спасовски и министерката за труд и социјална политика Фросина Ременски, не присуствуваа и не дадоа заклетви.

Од СДСМ соопштија дека органите и телата на СДСМ и на здружената опозиција наредните денови ќе ги донесат своите одлуки и за учеството во владата и за сите нивни следни чекори.

Инаку, владејачката ВМРО-ДПМНЕ објави дека одлучиле изборите да се одржат на предвидениот датум 24 април, па следејќи го договореното во Пржино за излез од кризата Никола Груевски се повлече од премиерското место, а на функцијата премиер кој треба да ги спроведе изборите застана Емил Димитриев, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ најави дека нема да учествува на избори без прочистен Избирачки список и без средување на состојбата во медиумите.