Спасовски и Ременски дадоа свечена заклетва во преодната Влада

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска – Ременски од редовите на СДСМ, во четвротк, во Собранието дадоа свечена заклетваа како дел од преодната влада предводена од Емил Димитриев со мандат до изборите.
Image

Спасовски и Ременски даваат заклетва по синоќешната одлука на Централниот одбор на СДСМ, нивните министри да учествуваат во Владата до распуштањето на парламентот, односно 24-ти февруари, со ултиматум дотогаш да се корегира датумот за изборите.

Како што појаснија, во среда од СДСМ, ако нема промена во датумот за избори, партијата дополнително ќе одлучува за нивното понатамошно учество во Владата и во Собранието.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски во четвртокот го поздрави чинот на министрите и вели дека добро е што опозицијата покажала конструктивност.

„Го поздравувам враќањето на опозицијата во Собранието и давањето свечена изјава на министрите. Мислам дека е добар гест да се вратат во институциите и да се исполнат обврските од Договорот од јуни- јули. Мислам дека има и други проблеми кои треба да се надминат, но добро е што СДСМ се врати во Собранието и покажа констуктивност“, рече Димовски.

Сепак, за координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугарески однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ е лицемерно.

„Дали е ова лицемерие на ВМРО-ДПМНЕ или не. Ниту СДСМ го напушти Парламентот, СДСМ не учествуваше во работата после едностраниот чин со неуставна одлука да го распуштите Парламент, со одложено дејство. Јас ниту во Уставот негде најдов, ниту во светот има пракса некаде да Парламентот се распушти, а после повторно да работи. Ве повикувам, еден пример во светот да ми кажете, со одлука за самораспуштање на Парламентот, тоа потоа повторно да работи. СДСМ е тука за целосно спроведување на Договорот од Пржино“, рече Сугарески.

Според Димовски ако за СДСМ, Собранието во моментов не работи законски, тогаш министрите не требало да дадат изјава пред ваков законодавен дом.

Собранието, во понеделникот, на седница во 17 часот, ја констатираше оставката на дотогашниот премиер Никола Груевски, се формираше преодна Влада, а по предлог на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се донесе одлука со одложено дејство – Парламентот да се самораспушти на 24 февруари односно 60 дена пред избори.

На ова реагираше опозициската СДСМ која на почетокот на седницата го напушти Парламентот со најава дека СДСМ нема да учествува на избори без прочистен избирачки список и без навремена регулација на медиумите.

Против одлуката беа и независните пратенички Солза Грчева и Роза Топузова – Каревска, претседателот на Демократскиот Сојуз – Павле Трајанов и Лилјана Поповска од ДОМ.

Сепак, во отсуство на опозицијата парламентарното мнозинство ја изгласа преодната Влада на премиерот Емил Димитриев, а сите министри дадоа свечена заклетва, освен Спасовски, Ременски, и министерот за надворешни работи – Никола Поповски, кои тоа го сторија на денешната седница.

СДСМ останува на ставот пред распуштање на Парламентот да се корегира датумот за избори, а дотогаш СДСМ да учествува во работата на Владата и Собранието.
Освен СДСМ, бојкот на изборите доколку тие се одржат во април најавија и помалите партии како Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Партијата за европска интеграција (ПЕИ), Левица, Движењето за реформи во ДПА и други.