Столтенберг: Русија со воени средства создава своја зона на влијание

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во четвртокот во интервју за германскиот весник Bild вели дека Русија со своите распожливи воени средства настојува да создаде своја „зона на влијание“.

Image

„Русија настојува со сите расположиви воени средства да создаде своја зона на влијание. Спротивно на меѓународното право, Москва го анексираше Крим и ги поддржува сепаратистите на истокот на Украина, но НАТО ќе продолжи да ја следи милитаризацијата на своите граници на Арктикот, Балтикот, Црното Море и во областа на Средоземјето“, рекол Столтенберг.

Тој додал дека Алијансата е подготвена да реагира на агресивните и изненадни руски маневри и оценил дека распоредувањето на четирите баталјони на НАТО во балтичките земји и Полска не е предизвикување на конфликт, туку обид да се спречи. Според Столтенберг, НАТО преку стационирањето на своите сили на истокот „примерно одговара на агресивното делување на Русија“.

Поранешните членки на Советскиот сојуз, Летонија, Литванија и Естонија, кои се членки на НАТО од 2004-та година, побарале од Алијансата да го засили своето присуство на нивните територии поради украинската криза и засилувањето на руската воена моќ во близина на нивните граници. Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО во вторникот на состанокот ов Брисел го одобрија распоредувањето на четирите баталјони од по 800 до илјада војници во Естонија, Летонија, Литванија и Полска, а Столтенберг тогаш рече дека тоа е знак на подготвеноста на Алијансата да ги брани своите членки од надворешен напад.