Судењето за „Поткуп“ се одложи, во судот се појави и бизнисменот од кој Заев наводно барал пари

Судското рочиште за случајот „Пуч“, во којшто обвинет е лидерот на СДСМ, Зоран Заев, повторно се одложи, бидејќи и двајцата адвокати на Заев беа отсутни.

Image

Заев се појави во судот, а во судницата присутен беше и струмичкиот бизнисмен, Иван Николов, од кој Заев наводно барал поткуп.

Адвокатот Филип Медарски од 2 до 5-ти март бил на службен пат во Барселона, додека другиот адвокат, Ване Андреев ненадејно во четврток заминал во Грција поради здравствени причини.

Судењето се одложи за на 21-ви април, а за на наредното рочиште Заев изјави дека се надева дека ќе бидат во полн состав. По одложувањето на судењето, Заев уште еднаш го повтори својот став дека овој случај е „наместен“.

„Се работи за комплетно местење, никаде во светот нема поткуп без примање или давање пари. Секако ние поднесовме кривични пријави и против човекот кој се обидува да мести поткуп заедно, во организација со обвинителот, кој го прават надвор од сите законски процедури. Воспоставено е физичко следење, следење на моите телефони, никако не можеме да дојдеме до наредбите кои имаме право да ни бидат доставени“, изјави Заев.

Заев досега не бил повикан ниту како сведок, ниту како осомничен кај Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Тој не сакаше да ги коментира дали овој случај ќе го преземе Специјалното јавно обвинителство, кое го побара овој случај од Јавното обвинителство, но оттаму не го предадоа предметот. Сепак, тој потенцираше дека бил прислушуван неовластено пет години.

„Не можам да ги коментирам деталите во правосудните постапки што ги водат, давам свој став, само мое размислување без да навлегувам во детали. И малите деца знаат за неовластеното прислушување на опозицијата и на Зоран Заев. Ако има неовластено прислушување на телефонски разговор на кое и да е осомничено лице врзано за предметот, тоа е материја за постоењето на Специјалното јавно обвинителство, сé што е поврзано и што произлегува од неовластеното прислушување“, рече Заев.

Заев, според Обвинителството, во својство на службено лице градоначалник на Општина Струмица, од струмичкиот бизнисмен Иван Николов, побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден метар квадратен градежно земјиште во Струмица, за кое Николов бил заинтересиран да го приватизира.

Според обвинението, една половина од парите требале да бидат за Заев, а другата за изградба на црква во Струмица.

Заев тврдеше дека цело време бил свесен дека лицето се обидува да го намести и поднесе кривична пријава против бизнисменот./