Специјалното јавно обвинителство ќе го испрати извештајот за својата шестмесечна работа преку курир, а откако институциите ќе го добијат извештајот, тој ќе биде испратен до медиумите и јавноста ќе бидат информирана за тоа што содржи извештајот, информираат од Специјалното јавно обвинителство.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, нема јавно да го презентира и образложува извештајот, бидејќи, како што тврдат од СЈО, законски нема таква обврска. „Законот е јасен и вели дека извештајот треба да биде поднесен до институциите“, толкуваат во понеделникот од СЈО.
Извештајот треба да биде испратен до Собранието и до Советот на јавни обвинители и ова е прв извештај за тоа што има досега сработено новото обвинителство кое беше формирано со Пржинскиот договор за решавање на политичката криза.
Специјалното обвинителство досега има отворено три истражни постапки, за предметот „Титаник“, против членови на општинската изборна комисија во Чаир и против судии во Управниот суд. Според последното соопштение во јавноста, СЈО има отворено 15 нови предистражни постапки, но најавуваат дека во вторник ќе го соопштат официјално вкупниот број на овие постапки.