Завршна конференција на едукативниот караван „e-Engagement“

Во сабота, на 12 декември во Телеком иновативниот центар се одржа завршната конференција од едукативниот караван „e-Engagement” како дел од проектот за промоција на предностите и придобивките од информатичките и комуникациските технологии, а во организација на НВО „Младински Сојуз“, со поддршка на фондацијата „е-Македонија““, основана од Македонски Телеком.

DSC_8871

Целта на проектот е да ги охрабри младите да ги користат дигиталните алатки во насока на себеусовршување и градење на позитивни промени во општеството преку нивна употреба.
На секоја работилница од едукативниот караван учесници беа стотина млади луѓе, меѓу кои и млади од маргинализирани групи на граѓани, кои се подготвени знаењата и вештините кои ги здобиле на работилницата да ги пренесат во нивната организација или околина.

„Среќни сме што „е-Македонија“ е дел од овој едукативен караван и е сведок на промената што сите сакаме да ја видиме во општеството. Овој проект во кој се поттикнуваат младите да ги применат генерираните знаења, вештини и технолошки придобивки што ќе им помогнат во многу сфери од нивната комуникација, работа и професионална етика, дополнително ќе им обезбеди корисни алатки за личен развој и нови постигнувања. Ги охрабруваме младите да бидат лидери и креатори на иднината, како во граѓанското општество, така и во младинската соработка, креирајќи позитивни социјални промени“ – вели Радмила Јончевска, директор на „е-Македонија“.

DSC_8862

„Укажувајќи им ги можностите за „он-лајн активирање” на младите како и зголемувајќи ги нивните знаења и видици за можностите на новите технологии и дигитални алатки, нашите активности во некои заедници предизвикуваа вистинска онлајн младинска револуција-изјави Билјана Стојческа, проектен координаторво НВО Младински сојуз.

Во текот на 2015 се организираа 12 еднодневни работилници во 12 градови, а во овие две години постоење, караванот посети вкупно 16 градови низ Македонија, каде активно се ангажираа над 1.500 млади луѓе. На завршната конференција учествуваа 15 предавачи, меѓу кои и Коста Петров, Маја Платнар, Филип Поповски, Јован Димитров, Климентина Илијевски, Ива Дујак, Калина Зографска, Злата Голабоска, Јована Тозија, Моника Ризовска и други, а присутни беа и најмотивираните и најактивните млади, а произлегоа и многу корисни заклучоци и препораки за тоа како електронскиот ангажман на младите луѓе може да ги поддржи стратегиите за активно вклучување на младите во сите сфери од општествениот живот.