Специјалното јавно обвинителство ќе поднесе жалби на одлуките на Основниот суд Скопје 1 којшто ги одби предлозите на ова обвинителство за притвор на поранешната Министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, секретарот на Владата, Кирил Божиновски и уште две други лица осомничени во случајот „Титаник“ кои во понеделникот до доцна вечерта беа на распитот во Судот.

Официјално одлуките на Судот за притворот се уште не се стигнати на адресата на Специјалното обвинителство кое има рок од 24 часа да ги обжали одлуките.
Судот се уште не одлучил по жалбите што ги поднесе Обвинителството за првите четири лица од случајот „Титаник“ на кои им беше одбиен притворот во петокот, меѓу кои и на поранешниот Министер за внатрешни работи.
Специјалното јавно обвинителство очекуваше одлуки на жалбите до понеделник вечер додека Судот толкуваше дека по жалбите се постапува во рок од 48 часа од времето кога спротивставените страни ќе ги примат жалбите за одговор.
Јанкулоска во понеделникот вечерта го напушти Судот околу 22 часот по целодневен распит во Судот, но не сакаше да даде изјава или коментар за медиумите. Медиумите во Судот не гон регистрираа Божиновски.
Со синоќешната одлука Судот ги одби предлозите за притвор за сите девет лица за кои бараше Обвинителството за изборни нерегуларности.
Единствено алтернативни мерки им одреди на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко и на членот на Општинската изборна комисија на Чаир, Исмет Гури. Темелко треба да се јавува во Судот во ресен еднаш неделно, а на Гури му беа одредени мерки за претпазливост.
При обжалувањето на првичните одлуки, Специјалното обвинителство најави дека истрагата за овој случај продолжува.