Украинскиот премиер Јанценјук поднесе оставка

 

Украинскиот премиер Арсениј Јаценјук во неделата во директен телевизиски пренос поднесе оставка на должноста и индиректно за свој наследник го посочи претседателот на парламентот Володомир Гројсман, кого уште во март го поддржа блокот на украинскиот претседател Петро Порошенко.

Image (7)
Арсениј Јаценјук даваше отпор на притисоците да си поднесе оставка уште откако на неговата влада во февруари ѝ беше изгласана недоверба, меѓутоа политичката криза во Украина се продлабочи и ја растури владејачката коалиција.

Со тоа се усложнува и онака тешката економска ситуација во земјата, бидејќи се одложува и исплатата на ратата од помошта на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) од вкупно 17,5 милијарди американски долари во следниве години.

„Одлучив да поднесам оставка на должноста премиер на Украина. Во вторник, 12-ти април, моето барање ќе биде поднесено до парламентот. Политичката криза во земјата е вештачки создадена. Желбата да се смени една личност ги заслепи политичарите и ја парализираше нивната политичка волја за висински промени. Процесот на промени во владата се претвори во безумно трчање во место“, порача Јаценјук кој на премиерската должност дојде на 27-ми февруари 2014 година кога на власт дојдоа прозападните сили кои го соборија прорускиот претседател Виктор Јанукович. Во ноември истата година по парламентарните избори беше потврдена неговата функција.

Јанценјук во обраќањето повика на брз избор на нова влада за да не се дозволи дестабилизирање на извршната власт во земјата. Во врска со тоа, посочи дека неговата партија Народен фронт ќе остане во парламентарната владејачка коалиција со фракцијата на претседателот Порошенко, кои следната седмица требаа да најават формирање нова коалиција.

„Парламентарната група Блокот на Петро Порошенко на премиерската должност го кандидираше Володомир (Владимир) Гројсман. Имајќи предвид дека сторив сé за да ги гарантирам стабилноста и континуитетот на нашата досегашна политика, ја објавувам одлуката за преносот на обврските и одговорностите“, рече Јанценјук.

Претседателот Порошенко претходно во средата изјави дела е подготвен да ја прифати кандидатурата за новиот премиер, што ќе ја добие.

Во февруари владата предводена од Јаценјук не ја доби довербата на пратениците во украинската Рада, но пртениците не можеа да издејствуваат нејзина оставка. Тоа доведе до политичка криза, бидејќи пратениците одбија да соработуваат со премиерот, а навраќањето на прашањето за неговата оставка според законот не беше можно пред септември.

макфакс