Хан: Брексит не значи крај на проширувањето на ЕУ

4938301430_cc3cc0f67c_z
Париз, 4 јули, 2016 – 11:43 (META) 

Европскиот комесар Јоханес Хан денеска оцени дека излегувањето на Велика Британија од ЕУ не значи дека е запрен процесот на проширување на Унијата, туку оти постојат многу причини за да се продолжи.

Хан, отворајќи го бизнис-форумот во рамки на Самитот за Западен Балкан во Париз, нагласи дека и понатаму постои европска перспектива за земјите од Западен Балкан и покрај тоа што членките на ЕУ влегле во тешка фаза.

– Тоа што сме соочени со излегување на една земја, не значи дека е крај на проширувањето, туку напротив. Има многу причини за проширување на ЕУ, а Европската комисија е одлучна да го продолжи тој процес – нагласи Хан.

Тој рече дека зајакнувањето на агендата за инфраструктурно поврзување на земјите во регионот претставува значајна можност за проширување на соработката, како и подобрување на условите за инвеститорите. Хан оцени и дека пристапниот процес не е само усогласување на законодавството, туку е фокусиран и на економијата, односно на економскиот пораст и на подигнувањето на конкурентноста.

Во пристапниот процес, истакна Хан, особено важни се владеењето на правото и економскиот развој. Тој рече дека земјите од Западен Балкан и понатаму се соочени со одредени проблеми, товари од минатото, но оти повеќето земји покажале јасна приврзаност кон реформите.

Сите влади, како што порача Хан, во следниот период треба да преземат конкретни чекори во тој правец.

Со иста порака настапи и германската канцеларка Ангела Меркел, која истакна дека земјите од Западен Балкан имаат европска перспектива, но оти процесот на проширување на ЕУ ќе има „поинаква брзина“. Таа истакна дека земјите ќе се интегрираат во ЕУ поединечно, во различни фази, а не групно.