Хан: Суштината и квалитетот на изборите се поважни од датумот на одржувањето

Еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори, Јоханес Хан во неделата порача дека „суштината и квалитетот на изборите се поважни од датумот на одржувањето“, посочувајќи го извештајот на Европската унија (ЕУ) и САД кој во неделата беше доставен до премиерот Емил Димитриев и лидерите на политичките партии.

Image

Хан се огласи преку својот твитер профил, нагласувајќи дека треба да се прочита извештајот изработен од страна на ЕУ и САД, а според кој во моментот не постојат услови за одржување на предвремени парламентарни избори на 24-ти април, датум кој првично беше договорен и содржан во Пржинскиот договор.

Како што  претходно во неделата соопшти американскиот амбасадор Џес Бејли, соопштувајќи ја проценката која што беше најавена минатиот месец, ЕУ и САД сметаат дека во моментот не постојат услови за одржување на кредибилни избори, поради тоа што работата на Државната изборна комисија во оваа фаза не е доволна, и покрај тоа што според амбасадорите сепак има некаков напредок, потоа поради тоа што се уште нема договор околу медиумските реформи и на крај поради загриженоста од информациите за притисоци и заплашувања направени кон гласачите.

Во извештајот се додава дека дел од лидерите на политичките партии како алтернативен датум за одржување на изборите го споменале 5-ти јуни, и дека сега се потребни сериозни напори од страна на сите актери за организација на еден кредибилен изборен процес на кој слободно ќе учествуваат сите граѓани и партии.