Церар: Нема веќе балканска рута за илегалните мигранти

Балканската рута повеќе не постои, а Словенија во иднина ќе ги пропушта само оние лица кои ги имаат неопходните документи за влез во Шенген зоната, изјавил словенечкиот премиер Миро Церар по завршувањето на самитот на ЕУ за мигрантската криза, пренесува Hina.

Image

„Самитот испрати доста јасна порака кон сите оние кои ги криумчарат бегалците и илегалните мигранти, а тоа е дека балканската рута повеќе не постои“, рекол Церар по завршувањето на состанокот на европските лидери во Брисел.

Во официјалните заклучоци на европските лидери е наведено дека „незаконските текови на мигрантите завршуваат“, додека предлог заклучокот дека „балканската рута е затворена“, за кој се залагаше Словенија, е изземен. Словенечкиот премиер сепак потоа изјавил дека смислата на закучоците за кои сите се сложиле на крајот е иста.

„Навистина, заклучокот е преформулиран, но смислата сѐ уште е иста, балканска рута за миграција веќе нема“, рекол Церар.

Според него, ова значи дека сите држави кои се на патот на миграцијата во иднина таквите лица ќе го одбиваат како „нерегуларни“, а Словенија веќе од вторник или среда целоно ќе ги применува шенгенските правила при одобрувањето на влез во земјата, што значи дека тие мора да ги имаат потребните документи за влез во Шенген зоната.

Доколку во Словенија се затече некој странски државјанин кој бара азил, тогаш ќе се почитуваат новите правила во однос на оние кои бараат меѓународна заштита и ќе се почитуваат европските стандарди и соодветната процедура која проценува дали лицето исполнува услови за азил, додал Церар.