Најмалку 11 загинати во експлозиите на аеродромот во Брисел

Најмалку 11 луѓе загинаа во вторник наутро во експлозиите на терминалот за летови за заминување на главниот аеродром во Брисел, јавија локалните медиуми, при тоа додавајќи дека во Белгија е кренато нивото на тревога на максималното четврто ниво.

Image
Според извештаите, неколку десетици луѓе се повредени. Експлозиите се случиле една по друга околу 8 часот по средноевропско време, тврдат очевидци.

Аеродромот Завентум е затворен, а летовите се прекинати. Исто така, запрен е и железничкиот сообраќај кон аеродромот. Патниците се евакуирани.

Засега не е познато дали станува збор за терористички напад, наведува белгиската мрежа RTBF. Очевидци за агенцијата Белга изјавија дека слушнале истрели и извици на арапски, а потоа се слушнале експлозиите.