Бирото за вештачења процени речиси половина помалку штета на Канцеларијата на Претседателот

Бирото за судски вештачења процени речиси половина помалку штета направена при демолирањето на Канцеларијата на Претседателот во споредба со проценката што ја направија од кај Кабинетот на Претседателот и којашто истовремено ја пријави Основното јавно обвинителство Скопје.

Image (8)

Кабинетот на Претседателот првично процени дека за време на протестите на 13 април била направена штета од 880 илјади денари или 15.000 евра, додека според Бирото за судски вештачења штетата изнесуваа 522 илјади денари или 8.500 евра.

Првичната проценка на штета ја направија од Кабинетот на Претседателот, но според дописот од Канцеларијата на претседателот штетата конечно треба да ја утврди Народното правобранителство кое побара од Бирото за судски вештачења да ја утврди точната штета и колку треба да плати секој обвинет демонстрант.

Државното правобранителство во четврток во Кривичниот суд на рочиштето за првите демонстранти, Филип Наковски и Никола Аризанов, обвинети за демолирање на Народната канцеларија, одреди дека вкупното отштетено побарување изнесува 522 илјади денари.

Износот од 232 илјади денари се однесува на причинетата штета на вкупната вредност на предметите според нивната вредност во моментот кога е направена штетата и која е потребна за Канцеларијата да се доведе во првобитната состојба, а износ од 289 илјади денари проценета штета на вкупната вредност на оштетените и исчезнати предмети.

Бидејќи примероци од вештиот наод и мислење денеска им беа доставени на Судот и на одбраната на обвинетите, судијката Весна Петровска-Тагасовска, која го води предметот, на барање на адвокатот Владимир Данаилов го одложи и денешното рочиште со цел одбраната да изврши увид.

Данаилов најави дека ќе побараат второ вештачење на штетата и дополнително ќе се произнесат во однос на наводите на Државното правобранителство.

Рочиштето е одложено за 20 мај.

Во Судот во четврток беа спроведени и членовите на Левица Здравко Савески и Владимир Куновски, кои во присуство на своите бранители треба да извршат увид во доказниот материјал кој го понуди Основното јавно обвинителство Скопје.

Сѐ уште се нема одржано ниту едно судско рочиште за демонстрантите кои се наоѓаат во куќен притвор.

макфакс