На „Фејсбук“ се организираат волонтери за помош на поплавените подрачја

Скопје, 8 август, 2016 – 10:57 (META) 
Screenshot-131

Апели за донации на храна, вода, волонтери и секакви информации околу поплавените подрачја граѓаните можат да најдат на социјалната мрежа „Фејсбук“ во групата „Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје. “

Активистите кои ја водат иницијативата апелираат сите граѓани коишто се активни на социјалната мрежа и сакаат континуирано да помагаат и континуирано да се во тек со сите случувања и потреби од граѓански активизам да се зачленат во јавната група.

Во групата, редовно се објавуваат информации за:

– потребна помош од волонтери;

– потребна помош во вид на донации;

– информации за нови собирни места за помош;

– информации за расположливи човечки ресурси за директна помош;

– информации за состојбата на терен, и во настраданите подрачја и на местата за собирање донации.

Администраторите на групата се организирани со дежурства и за логистика, давање помош, обезбедување контакти за итно интервенирање и повикување на надлежни институции, теренски активизам итн. Се работи во смени, поради потребата и од теренска активност во којашто активно учествуваат и администраторите и модераторите на групата. Во групата 24 часа има достапен администратор или модератор.