Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоан го нарече „нечесен чекор“ обраќањето на Багдад во Советот за безбедност при Обединетите нации во врска со упадот на турските сили во северен Ирак, и рече дека Анкара нема намера да ги повлече војниците како што бара ирачката страна.
„Тие може да се жалат во Советот за безбедност на ОН, тоа е нивно природно право, но тоа не е чесен чекор“, го цитира Reuters турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Претходно во петокот ирачкиот премиер Хајдар ал-Абади побара од министерството за надворешни работи да достави до Советот за безбедност при ОН официјална жалба во врска со турскиот упад во северниот дел од Ирак.
Според ирачките власти, на 4-ти декември тенковски баталјон на турската армија навлегол во ирачката покраина Нинева, наводно за обука на борците на курдските милиции, кои војуваат со терористите од џихадистичката Исламска држава. Ирачката дипломатија и министерството за одбрана го карактеризираа присуството на турските војски на ирачка територија „непријателски акти“, и дејствие кое со ниеден договор не е усогласен меѓу двете земји.
Од своја страна Анкара го објаснува своето испраќање војски во Ирак на „неопходно“ за заштита на турските инструктори кои ги обучувале борците на курдските „пешмерги“ во кампови за обука во покраината Нинева, во близина на градот Мосул, кој е под контрола на Исламската држава. Ирачкиот претседател Фуад Масум побара итно повлекување на турските сили од територијата на неговата земја нарекувајќи го инцидентот „тешко нарушување на меѓународните принципи и право“.
Турција ќе продолжи да и обучува курдските борци и нема да ја повлече војската од северен Ирак, рече Ердоган пред да отпатува за Туркменистан, пренесе телевизијата Al Jazeera.
„На крајот од 2014 година по барање на ирачкиот премиер Хајдар ал-Абади испративме таму наши војници за обука. Измина година и пол од формирањето на кампот во Башика (во кој се изведува наводно обуката на „пешмергите“ – з.р.). Каде беа во овој период?“, рече Ердоган без да одговори директно на прашањата од Багдад на кој наводен договор се повикува Анкара.
Во овој момент, според Ердоган, не може да стане збор за повлекување на турските војници од Ирак.
„Решително ќе продолжиме со процесот на обука. Но ќе го правиме во рамките на договореното. И сето наше присуство таму нема борбен карактер. Само испративме дополнителен воен контингент за заштита на нашите војници и офицери, кои ја спроведуваат обуката“, додаде Ердоган.
Станува збор за 180 војници со 25 тенкови и оклопни возила. Минатата турски воени извори во медиумите изјавија дека на ирачка територија имало вкупно 600 турски војници, од кои дел се повлечени по реакциите на Багдад, и дека во моментов во кампот Башика остануваат 350 турски војници.
Ердоан, исто така, тврди дека „одреден договор“ за присуството на турски воен контингент во Ирак бил постигнат во четвртокот, за време на посетата на Багдад на заменикот министер за надворешни работи и на директорот на Националната управа за разузнавање (MIT), Феридун Синирлиоглу и Хакан Фидан.
