Лидерите на четирите најголеми партии во Македонија – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, во вторник во обидот да го откочат неспроведеното од Пржинскиот договор на ткн лидерска средба во Клубот на пратениците во заедничка изјава го поздравуваат постигнатиот договор за целосниот состав на Државната изборна комисија (ДИК).

„Препорачуваме парламентот да ги назначи Реџеп Прекопуца, Атанас Урумас и Александар Чичаковски за независни експерти во ДИК. Го покануваме Парламентот да ги финализира неопходните постапки што е можно побрзо, со цел ДИК да започне со својата работа и да ги преземе своите должности за подготовка на веродостојни избори и да придонесе за создавање рамноправни услови во предизборието“, се вели во заедничката изјава.
Четворицата челници, исто така, ги повикуваат државните институции целосно да ја поддржат ДИК во спроведувањето на „оваа тешка задача“.
„а покануваме ДИК да ги донесе неопходните одлуки за прашања, како што се кадровското екипирање, вклучувајќи професионален и висококвалификуван генерален секретар, за методологиите за проверка на Избирачкиот список, и да утврди постапки за проверка и за одлучување по изборни поплаки врз основа на законските начела без политичко влијание“, се додава во заедничката изјава.
Лидерите ги повикуваат граѓаните до Државната изборна комисија да пријават секакви злоупотреби кои ги воочиле , како и до другите тела и органи кои имаат релевантни овластувања, како што е Народниот правобранител.
По средбата изјава за медиумите даде само белгискиот експерт Питер Ван Хауте, кој изрази задоволство од постигнатиот договор и најави дека во следните денови ќе продолжат разговорите на работни групи за реформите во медиумите.
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА во надминувањата на разликите имаа помош од евроамбасадорот Аиво Орав, американскиот амбасадор Џес Бејли и олеснувачот во преговорите Питер Ванхауте, во напорите до 24-ти април да се исполнат основите услови за одржување фер избори.
Лидерската четворка во вторникот, освен за комплетирањето на Државната изборна комисија, требаше да дискутира и за Законот за медиуми, Агенцијата за медиуми и Македонската радио телевизија, повлекувањето, или оставката, на Груевски од премиерската должности и прочистувањето на избирачкиот список.
Роковите се пробиени, а нерешени се прашањата за состојбите во медиумите, за што се одржаа повеќе состаноци на работните групи, но и по тоа прашање договор нема. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот да се предложи кој и да е европски закон, тие ќе го прифатат, а СДСМ бара смена на раководството во МРТВ, во Агенцијата за медиуми и другите институции поврзани со медиумите.