Неуспешно слетувањето на SpaceX на океанска платформа

Американската ракета „SpaceX Falcon“ полета во неделата вечерта по средноевропско време од Калифорнија понесувајќи во космосот сателит за следење на климатските промени, а потоа се заврти и со многу тешкотии слета на платформата во Тихиот Океан, соопштија од компанијата.

Image

Фотографијата од неуспешното слетување од фазата на ракетата носач „Falcon 9“ по лансирањето на сателитот „Jason 3“ подоцна на Twitter објави основачот и сопственик на компанијата „Space X“, американскиот богаташ Илон Маск

„Основниот фрагмент од ракетата се спушти на платформата во Тихиот Океан, но се приземји многу грубо и ја скрши едната своја ‘нога’“, напиша Маск и изрази оптимизам за идното приземјување на ракетата носач на пловечка платформа.

Компанијата „SapceX“ соопшти дека слетувањето на првиот степен од ракетата „Falcon 9“ на океанската платформа било меко, а не тешко како што претходно беше соопштено, но оти еден дел од опремата за слетување при приземјувањето не се одблокирал.

Во „SapceX“ ја развиваат технологијата за сочувување на првиот степен од ракетата носач за идни лансирања со цел да се намалат трошоците за вселенските мисии.

Ракетата висока како 22-катница полета по магливо време од воздухопловната база Ванденберг на калифорнискиот брег околу осум часот навечер по локално време, според телевизијата на ресурсот на американската агенција за вселенски истражувања NASA,

Успешното слетување на океанската платформа би претставувало второ големо достигнување на „SpaceX“, еден месец откако ракетата успешно се врати на Земјата атерирајќи на Флорида. Тоа претставуваше клучен чекор во настојувањата на Маск за развој на евтина повеќекратна ракета.

И двата претходни обида за слетување на платформа во океан во текот на 2015 година беа неуспешни.

Американско-европскиот сателит „Jason-3“, тежок 550 килограми, е четврти од истата серија којашто ќе ги анализира океаните, клучни за следењето на климатските промени на Земјата.