Советот на јавните обвинители ја одложи седницата на којашто требаше да бара отчет од Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, за 27 јануари.
На седницата требаше да се расправа за начинот на кој Специјалното обвинителство ги презеде прислушуваните материјали од СДСМ, односно како што изјавија од Советот, дали се постапило законски и дали бил изготвен записник.
Специјалното јавно обвинителство минатата недела испрати соопштение до јавноста, во кое вели дека постапила законски при преземањето на материјалите од СДСМ.
„Околноста што не е сочинет записник во моментот на самото предавање на материјалите не е пропуст во смисла на законските одредби. Појаснуваме дека се работи за материјал предаден на барање на јавниот обвинител, чија содржина е од сензитивен карактер и како таква подлежи на дополнителни проверки, класификација и постапување, а имајќи ги предвид законските одредби со кои се регулира класификацијата на информациите и заштитата на приватноста“, се вели во соопштението што го испрати Јанева.