Трамп го зајакнува водството во клучната држава Њу Хемпшир

Милијардерот Доналд Трамп го зацврсти водството меѓу републиканците во сојузната држава Њу Хемпшир, каде на 9-ти февруари ќе се одржат прелиминарните внатрепартиски избори за номинацијата на Републиканската партија за американките претседателски избори во ноември годинава.

Image

Во сојузната држава Ајова, веќе на 1-ви февруари ќе гласа во серијата внатрепартиски изјаснувања на републиканците за номинацијата за трката за Белата куќа. Но победникот на прелиминарните избори на 9-ти февруари во Њу Хемпшир, може да се смета за фаворит на изборите на Републиканката партија кои ќе е одржат во јули кои ќе го дадат кандидатот за Белата куќа, оценуваат коментаторите.

Според резултатите од последното истражување на јавното мнение спроведено од телевизиската мрежа CNN и институтот WMUR, Доналд Трамп има поддршка од 34 отсто од републиканските избирачи во Њу Хемпшир, додека во декември таа изнесуваше 32 проценти. На второ место е сенаторот од Тексас, Тед Круз, со 14 процентна поддршка, наспроти само 6 отсто од минатиот месец. Третото место го делат поранешниот гувернер од Флорида, Џеб Буш, и сенаторот од истата сојузна држава Марко Рубио со по 10 отсто поддршка. Другите републиканки кандидати во Њу Хемпшир уживаат 6 отсто или помалку поддршка од гласачите на партијата.

Истовремено, анкетата спроведена од 13-ти до 18-ти јануари меѓу 413 приврзаници на републиканците во Њу Хемпшир, покажала дека 31 отсто од испитаниците уште не се одлучиле за кого ќе гласаат во февруари, што остава простор кандидатите да водат жестока битка за гласовите претстојните денови.

Универзитетот во Монмут во средата ги објави резултатите од своето истражување на национално ниво, кое покажува дека Трамп е во водство со 36 отсто поддршка, за 5 процентни поени помалку отколку во декември 2015-та. Зад него повторно е Тед Круз со 17 отсто, што претставува раст од 3 процента во однос на декемвриската анкета.

Трет е Рубио со 11 отсто, а по него следат пензионираниот неврохирург Бен Карсон и Џеб Буш со 8 односно 5 отсто поддршка. Останатиот дел од кандидатите кај републиканците не успеале да освојат повеќе од три отсто на национално ниво.

Анкетата, исто така, покажува дека републиканските гласачи го гледаат Доналд Трамп како најсилен против кандидат на водечката во битката за номинација на Демократската партија, Хилари Клинтон. Околу 37 отсто од републиканците сметаат дека милијардерот има најголеми шанси да ја порази на претседателските избори првата дама, додека 24 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Тед Круз.

Покрај тоа, истражувањето покажува дека Џеб Буш меѓу водечките републикански претенденти се уште има најлош сооднос меѓу позитивната (32 отсто) наспроти негативната (47 отсто) перцепција кај партиските избирачи. Трамп и тука е во предност, бидејќи позитивно го доживуваат 57 отсто, наспроти 32 отсто гласачи негативно.