Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, извести дека ќе ја посети Македонија во февруари на својот твитер профил.

„Ќе се вратам во Скопје во февруари да го прегледам напредокот во подготовките за изборите на ДИК, заедно со меѓународната заедница“, напиша Хан на Twiiter.
Минатиов викенд, во Пржино се одржаа средби на еврокомесарот Хан со претставниците на четирите најголеми партии во земјава од власта и од опозицијата, одделно и на крај заедно, но не беше постигнат договор, затоа што три партии се согласиле предвремените парламентарни избори да се одржат на 24-ти април, а една партија била против.
„Земјата е во многу тешка состојба. Она што го видовме во 2015 година продолжува и во 2016 година. Сметам дека владата, политичката елита и Парламентот треба да обрнат внимание на оваа многу сериозна ситуација од која е засегната и економијата на земјата и нејзината евроатланската перспектива. Денеска сфатив дека не е можно да се постигне договор помеѓу сите политички партии за одржување на избори на 24 април. Очекувам сите политички партии да се држат до договорот потпишан на 2 јуни/15 јули. Ги уверив сите партии дека европските институции се тука да и помогнат на земјата“, рече Хан по завршувањето на средбите.
Тој, сепак, не ја отфрли можноста за одржување на избори, истакнувајќи дека одлуката е на партиите, на државата и на парламентот.
Потоа, владејачката ВМРО-ДПМНЕ излезе со став дека изборите ќе се одржат според планираното од Договор во Пржино, на 24-ти април, а СДСМ пак, соопшти дека нема да учествува на изборите затоа што до тогаш нема време да се прочисти Избирачкиот список, ниту пак да се донесе соодветен закон за регулација на медиумите.
За таа цел, Никола Груевски се повлече од премиерската функција, а премиер на владата која треба да ги спроведи изборите е Емил Димитриев.
СДСМ се уште официјално не ги повлече министрите за внатрешни и за труд и социјална политика, иако тие не дадоа заклетва по преземањето на функцијата од Димитриев.
Оставаат простор до 24-ти јануари, до кога Собранието ќе се самораспушти, да се презакаже нов датум за одржување избори, датум до кој реално би имало време да се прочисти Избирачкиот список.