Ховит на Твитер: Mедиумите сѐ уште се дел од изборниот процес

 

По гласањето во Собранието за одложување на распуштањето на Собранието, при што не гласаа пратениците на СДСМ, европратеникот Ричард Ховит на Твитер напиша: „Жалиме за пропуштената можност да се најде консензус помеѓу сите партии“.

Image (3)

Тој во вторникот беше дел од мисијата наа Европарламентот, заедно со Иво Вајгл и Едуард Кукан, кои посредуваа меѓу партиите за наоѓање решение за одложување на изборите договорени за 24 април.

„Имајте ја предвид изјавата на ЕУ и САД дека реформите во медиумите се уште се дел од изборниот процес и потребна е напорна работа за изборите да бидат кредибилни“, напиша Ховит на Твитер.

Во својата изјава, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, рече дека од меѓународната заедница „добивме уверување дека нема да има поставувања на никакви нови услови за одржување на изборите на 5 јуни вклучувајќи го и законот за медиумите“. Зоран Заев, претседателот на СДСМ, пак рече дека „во Македонија мора да има и ќе има слободни фер и демократски избори, избори со прочистен избирачки список и реформи за слободни медиуми, на кои сите граѓани и партии слободно ќе учествуваат“.

И американскиот амбасадор Џес Бејли даде кратка изјава во вторникот вечерта, во која, во однос на медиумите повика на почитување на Етичкиот кодекс, кој неодамна беше потпишан од повеќе медиумски куќи во Македонија.

„Ако секој работи напорно и игра според правилата, веруваме дека изборите на 5 јуни може да бидат кредибилни и да ја придвижат Македонија напред во надминување на политичката криза“, изјави американскиот амбасадорот Џес Бејли откако политичките партии договорија пролонгирање на изборите од 24 април на 5 јуни. Одговарајќи на новинарско прашање, што ако некоја од политичките партии ги бојкотира изборите, Бејли рече дека сите партии треба да партиципираат во процесот. Во врска со реформите во медиумите, американскиот амбасадор забележа дека тие не се клучни само за изборите, туку мора да се спроведат во интерес на целото општество. „Реформите во медиумите остануваат многу важен дел не само од изборниот процес, туку се и една од приоритетните реформи што треба да се спроведат. Како медиумите и медиумската сфера ќе бидат оценети зависи од тоа како ќе ја извршат својата задача, како ќе ги покријат овие многу битни избори. Сите вие потпишавте Етички кодекс и затоа најважно ќе биде како ќе ја завршите вашата работа и да им помогнете на македонските граѓани да бидат информирани“, изјави Бејли.

макфакс