Како да ја вратите и одржите страста во врската?

Кога врската ќе стане премногу удобна, тоа може да доведе до појава на предвидливост, а во најлош случај може да ве убеди дека не вреди повеќе да вложувате во односот со вашиот партнер. Од друга страна пак, оваа предвидливост можеби ќе предизвика да се чувствувате и како да сте невидливи бидејќи сте толку многу навикнати еден на друг што веќе не ни обрнувате внимание на романтичните или сексуалните страни на вашата врска.

ljubov_strast_vrska

Во овие ситуации има големи шанси состојбата да остане незабележана сè додека не се соберат премногу проблеми меѓу вас кои подоцна можат да бидат причина за прекин на врската. За да не дозволите ова да се случи, погледнете ги наредниве неколку начини на кои можете да ги вратите и одржувате огнот и страста помеѓу вас…

1. Направете заедничка пауза

Бегството од секојдневниот монотон живот е одличен начин на кој можете да почнете повторно да си го давате вниманието кое и двајцата го заслужувате, бидејќи ќе бидете во сосема нова и непозната средина каде што ќе погледнете на одредени нешта со „свежи“ очи. Патувањето на некое далечно место каде што постојат само малку нешта кои би можеле да го одвлечат вашето внимание може да ви биде од голема помош бидејќи на тој начин ќе бидете принудени да се фокусирате повеќе еден на друг.

2. Почнете да разговарате за вашите фантазии

Разговорот со партнерот за вашите скриени сексуални фантазии може да биде малку чуден и несекојдневен. Има голем број причини поради кои можете да се чувствувате незгодно додека разговарате за која било сексуална тема со вашиот партнер. На пример, можеби се плашите да откриете нови нешта за личноста за која сте мислеле дека знаете сè, или пак можеби ви е страв од помислата дека вашиот партнер ќе дознае за вас нешто што ќе го натера да почне да ве гледа во малку поинакво светло.

Навистина е потребна голема самодоверба за да се отворите пред вашиот партнер на оваа тема, но истовремено тоа ќе предизвика да се чувствувате секси и моќно. Плус, придобивките не завршуваат тука. И двајцата ќе дознаете нешто клучно еден за друг, нешто што понатаму ќе може многу да ви помогне во одржувањето на вашиот однос.

3. Излезете од вашите „удобни зони“

Една од многуте причини поради кои паровите почнуваат да ги запоставуваат романтичната и сексуалната страна во нивната врска е бидејќи се заглавуваат во монотоноста која ја предизвикува секојдневната рутина. Но, за среќа можете многу лесно да го спречите појавувањето на овој проблем.

Сè што треба да направите е да станете од каучот и да внесете барем еден непознат фактор во вашата врска. На овој начин ќе направите доволна промена која ќе предизвика еден вид исчекување кое и на двајцата ќе ви се допадне.

Доколку имате навика секојдневно да готвите и да јадете дома, направете договор барем еден ден во неделата да излегувате сами на вечера во ресторан во кој не сте биле порано. Кога излегувате од вашата удобна зона вие имате можност да доживеете возбуда која веднаш ќе се одрази позитивно врз вас и вашата врска.

4. Не одбегнувајте ги најразличните социјални настани

Понекогаш доволно е само да го видите вашиот партнер како комуницира со други луѓе за да сфатите колку тој ве привлекува. Многу често паровите кои се изолираат од социјалниот свет брзо се навикнуваат сами да ги поминуваат сите слободни моменти од денот. Во почетокот на врската ова може да биде и позитивно, но како што поминува времето ќе сфатите дека преминува во еден вид мрзливост.

Но, доколку излегувате со вашите пријатели и сте дел од повеќе социјални настани каде што ќе бидете во интеракција со други личности и парови вие ќе се предизвикате себеси како индивидуи, но и како пар. На овој начин веќе никогаш повеќе нема да се земате здраво за готово и ќе повикате дел од емоциите кои веќе одамна не сте ги почувствувале еден за друг.

5. Не бидете премногу отворени за вашиот живот

Само затоа што сте во долга и сериозна врска, тоа не значи дека вашиот партнер мора да знае буквално сè за вас. Малку мистерија може да направи чуда кај оние кои се чувствуваат недоволно почитувани. Одвреме-навреме задржете дел од информациите само за вас. Откако вашиот партнер ќе ја забележи промената, тој веднаш ќе почне да ви обрнува повеќе внимание со цел повторно да ја врати својата позиција во вашиот секојдневен живот. Но, имајте на ум дека важните и клучни настани или размислувања не смеат да се кријат од партнерот бидејќи токму нивното споделување е причината за успехот на една љубовна врска.