Maкедонија го празнува 11 Октомври – Денот на антифашистичкото востание

Скопје, 11 октомври, 2016 – 10:24 (META) 
liberators_skopje_nob-860x680

Македонија денеска одбележува 75 години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна. Востанието почна на 11 октомври 1941 година на нападот на Првиот прилепски партизански одред врз бугарскиот полициски участок, а следниот ден, на 12 октомври, оружјето го кренаа и партизаните од Кумановскиот одред.

Со тоа Македонија приклучи кон антифашистичката коалиција, а по четири годишната Светска војна, со одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, го реализираше и повеќевековниот сон за основање македонска држава.

Седумдесет и петата годишнина од македонското народно востание вчера беше одбележана и со свечена академија во Собранието на Република Македонија, на која се обрати претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Свечената академија истовремено претставуваше и пуштање во употреба на новоизградените и надградените објекти во Собранието, односно големата купола, конгресната сала, како новата зграда во дворот на објектот. Со овие градежни измени, Собранието доби нови 4.000 квадрати, со што неговата површина сега изнесува 18.000 метри квадратни.

По повод празникот денеска во Собранието на Република Македонија е врачена државната награда „11 Октомври“, а бројни делегации положија цвеќе на спомениците и паметниците на народните херои во Скопје, Прилеп и Куманово.

Претседателот Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Македонија.

„Ако постои една идеја што како светилник нè водела низ бурите на историјата, тоа е идејата за слобода на Македонија. Благодарение на таа идеја, вели, ние сме наоѓале сила да се помириме и да ги надминеме поделбите“,вели Иванов.

Тој исто така се осврна и на политичката криза која, како што порача мора да се реши.

„Нишката што ги поврзува сите наши Илиндени е идејата за слобода на Македонија која ги надминувала и порамнувала сите разлики. Оваа година на двоен јубилеј нè затекна меѓусебно поделени и раскарани. Премногу долго, длабоката политичка криза ја исцрпува енергијата на нашето општество и економија и им ја одзема перспективата на нашите млади. Неопходно е разрешување и надминување на кризата. 11 Октомври и 8 Септември треба да бидат потсетување дека само ако се помириме, ако си простиме и се сплотиме, ќе можеме да ја зачуваме слободата, сувереноста и независноста на нашата заедничка татковина – Република Македонија, вели Иванов и порача дека треба да се бориме за чување на придобивките и градење просперитетна иднина за нашите потомци.