Пакомак донира семиња за цветни расади по повод “Денот на парковите и градините”

Зелените површини во градовите овозможуваат бројни бенефиции за граѓаните во нивната животна средина. Градските паркови пружаат можности за физичка активност , рекреација, заштита од поплави, природна звучна изолација, намалување на температурите при топлотни бранови, вегетација, природна средина за животните и инсектите и многу други предности. Парковите ги одржуваат социјалните интеракции во средината, во улога на место за средби, дружења, културни настани и развивање здрави навики. Во време на брз живот и секојдневен стрес, парковите се места што го подигнуваат расположението, ги балансираат емоциите и ги релаксираат сетилата. Зелените површини се заштитен чадор на детските игри од опасностите од сообраќајот и простор за најубавите семејни прошетки. Накусо, зелените површини ја одржуваат нашата животна средина – здрава.

hortikultura.mk_skopski_cveten_festival_5

Покрај тоа што зелените површини се наменски функционални, тие претставуваат важна естетска круна на градовите.  Уредувањето на парковите и градините се смета за уметност и го изразува трудот, стилот и идеалите на градинарот. Зелените површини може да бидат хортикултурно обележје на заедницата, на пример на станарите на една зграда кои со заеднички вложен труд го украсиле сопствениот зелен рај во кој уживаат и се дружат.

Ние, како еколошки адвокати често се трудиме да ги потсетиме сите луѓе од нашата заедница за есенцијалната важност на парковите и градините, со надеж дека ќе поттикнеме повеќе од нив да ни се придружат во “зелената мисија” за разубавување на овие градски оази.

По повод “Денот на парковите и градините” кој се одбележува на 6ти мај (петок), Пакомак ги повикува сите еколошки расположени граѓани да се вклучат во акцијата за чистење и разубавување на зелените површини.

Пакомак ќе донира семиња за цветни расади на сите оние станбени заедници, комшиски  друштва или семејства кои ќе се вклучат во чистење и уредување на зелените површини околу нивните живеалишта на овој ден.

Следниот викенд на 14 -15ти мај на Цветниот фестивал во Градски Парк Скопје во близина на Луна Паркот ќе биде поставен 3D Еко Автобусот на Пакомак, предводен од Ивце Пивце, од каде учесниците во акцијата ќе може да подигнат семиња за цветни расади кои дополнително ќе го украсат зелениот простор кој им значи.

Направете заедничка весела фотографија по завршување на акцијата и закачете ја Facebook фан страницата на Пакомак, со краток опис со кој ќе го претставите вашето “еколошко друштво”, со назнака и број на улицата, со што ќе ја поддржите акцијата и ќе блеснете како позитивен пример.

Учествувајте во оваа заедничка акција за време на викендот, дружете се соседите и низ забава допринесете за разубавување на сопствениот зелен простор.