Шоуто на Труман

kolumna-picСлушајќи ги изјавите на градоначалникот Трајановски во врска со последните проекти кои никнуваат во Скопје, поготово во центарот на градот, се повеќе се чувствувам дека ние како држава сме дел од некое софистицирано реално шоу врз кое се вршат експерименти, колку учесниците можат да издржат. Колку лудост можат да проголтаат и колкав им е прагот на толеранцијата.

Тазе вклучените камери на сообраќајниците ми го дополнуваат ова чувство. Техниката е тука, шоуто може да започне!

Како другачие би ги рационализирал изјавите на Коце Трајановски за милионската ограда кај Холидеј Ин? Како другачие би си објаснил дека навистина е сериозен кога ни вели дека треба да бидеме среќни што оградата не била 3 милиони евра бидејќи и такви понуди имало во тендерот? Како другачие би си ја објаснил следнава изјава…

Но за момент да претпоставиме дека не се работи за реално шоу во кое сите ние сме учесници. Тогаш ни останува да претпоставиме дека Трајановски не мислеше да го каже тоа што го кажа. Според мене причината за кажаното е многу едноставна, многу човечка и за мене барем, сосем разбирлива. А тоа е губење осет со реалноста. Милионите не се веќе МИЛИОНИ, парите ја изгубија вредноста во нивните очи. Целата структура е веќе седма година на власт и мислам дека ластикот меѓу народот и неа, е скинат. Веќе се нема осет што се прави, што се зборува и каде се греши. Битно е само да се гради. Битно е, не велам не. Но прашањето е што и зошто?

Главната аргументација која ја добивме за овие проекти се дека еве, луѓето се сликаат со нив, доаѓаат да ги видат, а и дека е спасена градежната индустрија во државава. Ај замислете една хипотетичка ситуација. Што ќе се случеше ако некаде на плоштадот се изградеше 150 метарски дилдо? Јас ќе ви кажам, луѓето пак ќе се сликаа и пак градежната индустрија ќе беше спасена. Не е доволен тој аргумент. Парите се фрлени во ветер и од тоа нема бегање. 300 милиони евра (а може и повеќе кои се отидени на еден километар квадратен во центарот на Скопје) се 300 километри автопат. Ок, овде ќе немаше сликање, ама градежната индустрија пак ќе беше спасена и што е најбитно од се, парите за само неколку години ќе беа повратени. Каде се инвестициите во енергетскиот сектор? 3000 денари струја и 4000 денари парно плаќаме само затоа што имаме лавови и врби на плоштад. Со тие пари ќе се изградеа енергетски објекти преку кои сами ќе си произведувавме струја, наместо да плаќаме екстра скапо увезена.

Но за жал, за вакви теми се помалку се разговора. Се разговара за тоа колку камења и шишиња се фрлени кон зградата на Владата. Дали Албанците фрлиле 17, а Македонците 12 камења. Кој повеќе прозори скршил, кој што рекол и кој прв почнал. Вредностите и темите за кои треба навистина да се разговара во ова општество се отидени да не речам каде. Економските прашања на обичниот човек се „досадна“ тема, пошто сите се слагаме дека не ја бива работата. Дури успеавме да си наметнеме или пак наметнат, сеедно, тема на муабет дали овој споменик е убав или не. Дали таму му е местото или 20 метра подоле. Дали лавовите на мостот „Гоце Делчев“ личеле на трансформерси или па требале пореални да ги извајаат. Дали барокните мотиви биле автохтони за овој простор или не…

Вчера бевме сведоци на протести од група млади луѓе кои на сатиричен начин го исмеваа проектот за оградата на мостот кај Холидеј Ин. Причината многу поштена, јасна и недвосмислена. Зошто да се трошат повеќе од еден милион евра за ограда на некојси мост? Тоа се протести кои сите треба да не интересираат, проблеми од кои сите патиме, без разлика на етничка, верска, партиска и шо-ти-ја-знам друга припадност. Сулудо е во состојба каква што е државата да решиш дека ќе брцнеш милион евра и ќе правиш ограда само затоа што ти се може. Уште посулудо е да кажеш дека треба да бидеме среќни што е еден милион затоа што другите понуди во тендерот биле 3 милиони евра, само затоа што имаш микрофон пред тебе.

Но што се случи по протестите? Каква дебата се водеше вчера по социјалните мрежи? Дека тие млади луѓе кои протестирале имале телефони со touch screen, и носеле наочари кои од око изгледале скапи и ради тоа немале они право да штрајкуваат пошто биле пуни ко брод со кеш… Уат д фак?! Па ја имам наочари кои делуваат скапо, ама се купени за 300 денари на Бит Пазар. И ја имам телефон со touch screen, кој ми е даден бесплатно од еден од мобилните оператори. А и да сум носел облека од 1.000 евра на мене, кај е проблемот не разбирам? Не смее добро ситуиран човек да протестира ако гледа дека државата се движи во погрешен правец. Глуп муабет, ама ќе го спомнам само ова… пред една година, кога Исланд ја погоди економската криза, сопругата на премиерот излезе да протестира пред зградата на Владата заедно со обичниот народ.

Е додека разговараме на овие теми, наместо колку кошта лавот, ќе си останеме таму каде што сме. Додека разговараме за естетиката, небаре сите сме Ван Гог, така ќе снемуваат милиончиња од нашите пари. Што за врби, што за коњи, што за ограда. Додека се занимаваме кој тоа бил на протестите, а не зошто протестирале и дали се у право тие луѓе, ќе си останеме дел од реалното шоу. Сиромаштијата која е во државава (и тој што мисли да каже па не е таа од сега, ќе му кажам фак оф) е единственото нешто за што треба да разговараме.

Тоа го боли и Македонецот и Албанецот и Турчинот и Ромот и Србинот и секој останат.

P.S. Би сакал на кратко само да ги споменам саботните протести организирани под мотото „Да кажеме стоп на радикалниот ислам во Македонија“. Се е тоа во ред, и мислам дека треба ние како општество да поддржуваме секакви иницијативи кои се против ширењето на екстримизмот во нашето општество, без разлика од која страна доаѓаат. Но не можам да поддржам протест кој се бори против радикален ислам, со извикување на фашистички пароли. Плурална Македонија мислам дека поголем парадокс од ова нема видено. Тоа е како Здружение за заштита на животни да протестира со бунди направени од крзна на верверици. Или па асоцијација на вегетеријанци да организира пикник на кое ќе се служи исклучиво свинско месо. Или па група на граѓани да излезе и да протестира за лошата економска состојба пред партија која е 7 години во опозиција. Уствари, тоа ни се деси…

Затоа и велам дека Македонија е дел од едно огромно реално шоу.

 

Војкан Крстевски

 

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.