Мазохизам

shoshko3111Можеби не е научно докажано, но Македонецот е најнепрактичниот човек на светот. Сè мислам дека имаме мазохистички гени и дека сè што правиме, правиме за да имаме за што да кукаме и по што да плукаме.

Пред да почнете да ми превртувате очи дека пак се правам паметна, имам мнооогу аргументи кои ќе ја поткрепат оваа теорија.

1. Ајвар – Убаво ја прашувам мајка ми „Ќе правиш ли ајвар оваа година?“, ме гледа, ме гледа и конечно ми вика „НЕ“. Очекуваше негодување, ама мене баш ми олесна. Не дека не сакам ајвар, обожавам, ама ако треба цела куќа да биде на викенд тортура можам и да се откажам од него. Миење, печење, лупење, мелење, пржење, па теглите не биле ко што треба, па иди до маркет сол да докупиш, па мрчење како од наредна година нема да се прави, зашто никој не помага. Налет. Нема да умреме за јадење, а ако е до толку дојдено до ајвар ќе купиме една тегла колку да пробаме. Значи не сакам скроз да исчезне традицијата, ама некако мачно е. За тие по згради што живеат не ни сакам да мислам. И нема подобар вкус од топол ајвар и сирење, ама се може и без него.

2. Одење на одмор – Не одиш во пустелија. Освен ако одиш. Одење на море, езеро, планина….Имаш интернет, отвори види какво е местото, сигурно има продавници, можеш да се информираш за клима и останато. Значи од километар можеш да познаеш македонска фамилија, натоварена кола со тони овошје и зеленчук (кое е прашање дали ќе ја издржи тортурата од пат од 3-5 саати), цел плакар, за не дај боже да не застуди (а носат исти шорцеви и маица цел одмор­­). И не знам кај и да одиш, не може да е 10 пати поскапо од кај нас. И нормално сабајлето пред тргање нервози и карање. Па фала Богу, не пресметавте време за товарање на багажот (ако одите со ваша кола), како што не очекувавте дека шоферот ќе ве пцуе што треба да добие кила за да ви ги крене сите можни торби со облека и храна.

3. Ручек – Не се умира ако секој ден нема манџа. Не се умира ако секој ден нема месо и супа. Ручекот може да помине и со лесна храна како тестенини или некој лесен рецепт од зеленчук. Месата и салатите оставете ги за викенд. Ама зашто така би била недомаќинка, госпоѓата која оди на работа мора да готви од вечер или да чмае над шпорет кога ќе дојде од работа. Олабави се жено, кој е гладен ќе се снајде, а тоа значи дека децата треба да се воспитаат да не бидат паразити.

4. Хигиена – само дома и во двор да е чисто, за надвор на кого му е гајле. Истото тоа што не ти е дома, ти го загадува воздухот, го прави градот грд и гнасен. А да не фрлаш ќе се поштедиш од чистење, што е полесно.

5. Посветување на животот на политичка партија. – Исто ко Јеховини сведоци или застапници за Орифлејм или Авон. Имаат некаква ситна корист, но не како главниот спонзор кој ги ангажира. Најчесто замараат луѓе кои сè почесто бегаат од нив, веат знамиња, метат семки на митинзи и некогаш можеби ќе добијат нешто повеќе од тоа. Не сите. На волкот му е дебел вратот, зашто сам си ги коле овците. Да бидеш месар волонтер одамна не е доходовна професија, затоа остри ги забите и на лов. Батали метастазирани идеологии на некој сосема десетти човек.

6. Складирање на работи – Ретко која од тие глупости ќе се најдат некогаш, само зафаќаат место по ќошиња и создаваат нервоза при чистење. Знаете дека треба да ги фрлите! Ако на прадедо ви не му потребале нема ни вас!

7. Славење празници и семејни веселби што е можно погласно и со пукање – Освен комшиски сеир не се постигнува ништо. А да, може да е проследено со човечки жртви, ампутирани прсти на детски раце и/или изгореници. Само во Македонија и уште некоја од соседскиве земји остана потресувањето по Нова Година, свадбарското оро пред зграда или куќа, пукање петарди, пукање со пиштоли и друго оружје за да се докаже примитивизмот. Со чест на исклучоците.

8. Градење споменици – Се плашам да ја почнам темава. Не сум нихилист, некои од нив да речеме се во ред што се направени (не мора да се налупани сите на пола квадрат) и некои зданија како стариот театар, заслужиле да се изградат повторно. Останатото….ние не сме Дубаи да се водиме од мотото „изгради го и луѓето ќе дојдат“. Значи да, убаво е да се оплемени урбана средина со споменици од важни луѓе, ама ако претходно сите патишта се рамни и без дупки, ако по болници не паѓаат плочки, ако фасадите не убиваат луѓе, ако деца не умираат зашто не можат да соберат пари преку донации…Непрактично, а конкренто Скопје има уште фурни леб за јадење додека се разубави комплетно и излезе од прашинава.

9. Незнаење како да ги задржиме добрите – И да знате дека се посреќни, поуспешни, послободни и повреднувани во Њујорк, Лондон, Париз, Рим, Шангај…А ние битно имаме универзитет рангиран на 400 и кусур место во светски рамки, со дипломи кои се полуважечки низ свет, специјализаторски места за кои треба да дадеш два бубрега покрај петцифрената цена…Па ќе си одат луѓето. И треба да си одат на ваков третман. Нема Македонија да ги троши интелектуално, емоционално и финансиски.

10. Самосаботирање – Ај да почнеме малку да не се зае*уваме сами себе ко за промена?

 

К. Шошко

 

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.