Британската телевизија Sky News објави дека добила пристап до документи кои содржат лични податоци за илјадници борци на екстремната сунитска организација Исламска држава (IS).

Документите на телевизијата ѝ ги предал разочаран поранешен припадник на оваа џихадистичка група која војува во Ирак и Сирија каде и покрај жестоките бомбардирања од страна на меѓународната коалиција предводена од САД и авијацијата на Русија кои ги поддржуваат локалните сили, уште под контрола има големи територии.
Како што беше објавено, станува збор за десетици илјади документи со 22.000 имиња, адреси, телефонски броеви, како и информации за семејствата на борци на Исламската држава.
Меѓу терористите во споменатата документација, има лица од 51 земја, кои при пристапување на организацијата бил должен да даде лични информации за себе, одговарајќи на 23 прашања.
Многу од тие имиња, од порано им се познати на разузнавачките служби, но во документите има и имиња на нови борци кои ѝ пристапиле на Исламската држава. Така го наведува примерот на Абдел Бари, 26-годишник од Лондон кој на џихадистите им се придружил во 201 година по посетите на Либија, Египет и Турција. Тој е познат како џихадистички борец, но во Велика Британија е попознат како рап уметник. Не е познато каде се наоѓа сега.
Телевизијата наведува уште неколку имиња од документите со детали, кои се познати во Велика Британија, меѓу кои некои веќе се загинати. Сите тие наведувале во формуларот во кои единици на Исламската држава биле ангажирани и забележливо биле дека многумина од нив поминале низ „жешките точки“ на џихадот, како Јемен, Судан, Тунис, Либија, Пакистан и Авганистан и тоа во повеќе наврати. Некои биле надгледувани и оневозможени да влезат во Сирија за да се борат, некои успеале а потоа се вратиле дома.
Една од датотеките со ознака „маченици“ содржела детални податоци за бригада од борци кои сакаат извршат самоубиствени напади и биле обучувани за такви цели.
Во извештајот натаму се истакнува дека некои од телефонските броеви на списокот сé уште биле активни, и се верува дека многу од нив најверојатно се на членови на семејствата на борците, но голем број се користат и од самите џихадисти.
Документите на Sky News му биле предадени на мемориски стик украден од водачот на внатрешната полиција на Исламската држава, група којашто од страна на некои поранешни борци е опишувана и споредувана со злогласната нацистичка СС. Нему му била доверена безбедноста на тајната документација на организацијата и тој ретко се делел од стикот.
Човекот кој го украл носачот со датотеките на Исламската држава бил поранешен борец на опозициската Слободна сириска армија (FSA), кој преминал во редовите на Исламската држава, кој себеси се нарекува Абу Хамед.
макфакс