Во светот постои едно царство, таму царува другарство

mitkoПод влијание на новиот бран кој ја зафати Македонија- Африканскиот Бран кој државава во моментов ни ја направи една од потоплите во Европа решив да одморам од политичките теми кои и онака се жешки ,и од проблемите кои го засегаат секој човек и малку да се посветам на работи кои се малку посуштински за нас. Денес решив да напишам некој збор за дргарството или пријателството како предизвици во новото време. Уште од дамнешни времиња се зборува на оваа тема. Прочуениот Аристотел кажал во една пригода дека никој не може сам да живее. Ако некој тоа го направи тогаш или е бог или е ѕвер, трето нема. Пред некоја недела во еден неформален муабет паднав на тема дали има пријателство или нема во ова наше денешно модерно време. Опоненот упорно ме убедуваше дека денес врските помеѓу луѓето се поставуваат чисто на интерес. Ако имаш корист од некој во ред е ќе се дружиме, ако не тоа е тоа патиштата ни се разделуваат едноставно не си одговараме. Искрено тоа ме зачуди и ме натера да размислам што е тоа што ги тера луѓето да се дружат да стапуваат во интеракција со еден збор да прават заеднички работи. Секогаш сум сметал дека тоа е еден нормален процес каде нема интереси и каде има едно заедничко општо добро.

Викаат дека семејството ти е дадено од Бог додека пријателите сами ги бираме. Ние сме тие кои им дозволуваат да влезат и да бидат дел од нашиот живот и со правилно негување и одржување пријателството може да трае вечно. Среќата и присуството на пријателите ни го прави животот поисполнет посреќен исполнет со прекрасни моменти. Другарството постојано треба да се докажува. Тоа е процес. Секој процес трае и трае. Никогаш не застанува само со една работа. Според некои статистики направени од психолози се верува дека човекот нема потреба да има повеќе од 6-7 вистински пријатели. Јас одбивам да го прифатам ова тврдење. Сметам дека со правилен контакт и однос со луѓето околу нас способни сме за повеќе.  Има малку вистински пријатели. Тие се ретки како дијаманти. Кога сме со нив имаме чуство на блискот, на доверба на опуштеност, се поврзуваме имаме разбирање за многу работи но и си помагаме меѓу себе.

Довербата во денешно време е ставена на цена. Алчноста и завидливоста си го прават своето. Такво дојде времето. Човек на човек волк. Не треба да бидеме завидливи, не треба да бидеме алчни, вистинските пријатели никогаш не треба да бидат сами. Заедно треба да бидат и во радоста и во тагата. Најголемата грешка која се прави е тоа што се мисли дека пријателството е вечно и дека не треба многу голем напор во тоа. Се лажете ако мислите дека тоа е така. Вниманитето, верноста, помошта и емпатичноста се главните карактеристики. Ако некој не е подготвен тоа да го направи подобро одете си, зошто на тој начин луѓето околу вас ќе страдаат. Најдобро е кога ти е убаво на душата. Ако не се чуствуваме така тогаш која е поентата да се дружиме со такви луѓе. Тоа е само непотребно губење на енергија. Таквиот однос треба да се прекине и за таквото пријателство не треба да се бориме.

Не сакам да ви кажувам како да се однесувате со пријателите. Тоа си е ваша работа. Сакам само малку да се седне и да си размислиме самите дали секогаш чекорите што ги правиме се оние вистинските. Дали ја правиме понекогаш правилната работа или пак правиме грешни потези со кои им наштетуваме на луѓето кои се околу нас.  Добрата комуникација и разговорот многу помагаат понекогаш. Тоа е начин како да ја тргнеш тагата и каменот од душата. Искреноста е битна работа ако не и најбитна, но сепак треба да се внимава на чуствата на другите. Добрината на луѓето треба да биде во прв план. Секогаш тоа сум го зборел. Не е битно каков е човекот, битно е како тој се однесува спрема мене, затоа таквите луѓе најмногу ги ценам во животот. Како за крај на оваа колумна секогаш запомнете: поделена радост е поголема радост, поделената тага е помала тага. Останете ми со здравје, бидете ми поздравени но сега морам да престанам да пишувам зошто ме чекаат луѓето кои ме сакаат и ги сакам.

П.С. Сакам само да додадам дека оваа колумна им ја посветувам на сите мои пријатели и другари кои ги ценам најмногу на свет без разлика каде се и што прават во моментов.

 
Митко Сланинковски

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.