Еднаш се живее, да, ама до кога и како?

KokakolicarВикаат еднаш се живее, па да, веројатно се во право, иако не можеме ни во тоа да бидеме сигурни. Ајде, ок, да речеме дека еднаш се живее, но како се искористува тој еден живот, таа можност токму ТИ да бидеш тој „среќник“ кому ќе му биде доделена таа привилегија да биде дел од сите чудесии што постојат и се случуваат на планетава ни земја и тоа во облик на, да речеме, најразвиеното свесно и совесно живо суштество, ма и ова „свесно и совесно“ се полека го снемува од човечката природа, ама нема врска, таква е дефиницијата.

И ете така, заслужено или не, луѓето се раѓаат, живеат или преживуваат, поведени од мотото „Еднаш се живее“. Е сега, кој, како си го сфаќа тоа, тоа е муабетот. Клучното прашање е, дали корисно и квалитетно ќе се искористи таа, да речеме, една шанса? Дали само ќе „протрчкаме“ низ животот, годините и сето она што ни го носат истите и така без трага и глас ќе си заминеме од светов и никому ништо, нашето постоење ќе нема никаква смисла, никакво значење и ќе направиме природата да зажали за дадената ни шанса и да се разочара од стореното. Секако, има уште една, многу подобра варијанта, кога живееме како што сакаме, го правиме сето она што го имаме замислено, но сепак оставаме нешто зад себе, нешто или некој, па така нема да бидеме лесно заборавени, ќе останеме, ако ништо друго, дел од нечии спомени. Ама нее, вторава солуција, не е баш така едноставна, треба да се вложи труд, треба да се направат жртви, да се лишиме од нешто. А кој го сака тоа?

We only live once (живееме само еднаш), врзи си го мотово во крпче и терај си, заврши средно, затоа што мораш, добри резултати не ти требаат, прави си глупости, ќе те паметат дечиштата на кои си им бил „ѕверот“ во школо, уживај, тие ќе те памтат..како да не! И после ич да не ти е гајле, понатамошно образование не ти треба, што ќе ти е, па толку луѓе се со факултет, а без работа..само ти теши си се така. Продолжи на дваесет и кусур години да се „гребеш“ од твоите родители, кои се „крстеле“ дека ќе станеш човек во вистинска смисла на зборот, троши им ги, со пот заработените пари, шеткај си се ти по светот, прави си го меракот. Продолжи да си правиш глупости, да си ги исполнуваш желбите и интересите, кои се лично твои и никако не придонесуваат за заедницата и општеството, па млад си, ако сега не правиш глупости, кога? Пробај ги сите пороци, т.е. замки и искушенија кои ни ги нуди општеството со цел да ја стави на тест нашата свест и совест, рано е да мислиш за иднината… Искрено се надевам дека ја забележавте мојата иронија во кажаново! Ако не, еве ви потенцирам дека бев ироничен!

Но, годините поминуваат додека да трепнеш, во еден момент сфаќаш дека веќе и не си толку млад, твоето однесување веќе е глупо и смешно, заглавен си во долгови и пороци, пред тебе нема ништо, никаква иднина, дојде до слепа уличка, што сега? После се, мислиш дека некој ќе вложи нешто во тебе? Мислиш дека некој ќе се замара за твоите проблеми, тешкотии, долгови? Вистински пријатели, фала богу, немаш.

Оние со кои си го потрошил времето на глупости, веќе ги нема, па и тие се во иста, таква, безизлезна ситуација како тебе, твоите, како и сите останати, кренале раце од тебе. Е,па ајде сега да те видам основај фамилија. Па која будала би те одбрала за доживотен партнер? Фамилија со што ќе раниш? Со спомените од младоста или со жалењето за залудно потрошениот живот? Ма ич да не ти е гајле, најважно е дека ти си се изнаживеа. Па што ќе ми фали мене и на сите оние, што сега се лишат и си скратуваат некои задоволства, со цел да вложат во некаква, се надевам, подобра иднина, па од кога ќе увидат дека нешто створиле, некаква потпора, да продолжат да си го живеат животот и да го надоместат она што го пропуштиле, градејки ја својата иднина.

И после луѓето не биле среќни, биле депресивни, се самоубивале, бараат нешто што не го заслужиле и кога нема да го добијат, сите се криви, почнувајќи од Владата, па се до „Семоќниот“. Таква им била среќата.. ОЗБИЛНО? Самите сме творци и креатори на нашата среќа и судбина. Даден ни е само живот, а се друго треба сами да „исцрпиме“ од него!

Нема потреба да ве советуам и да ви кажувам што треба да направите, правете си што сакате, на крај краева, секој сам си ги сносува последиците од спроведените постапки.

Le Me, Кокаколичар

 

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.