Зошто сè е подобро во Македонија?

shoshko31111. Поради 200 и кусур сончеви денови (кои не знаеме да ги искористиме и да ги претвориме во енергија)

2. Поради ефтиното образование (што се 400 евра на УКИМ во споредба со стотици илјади евра/долари низ Европа или САД). Што влегува во понудата е друга тема…

3. Поради мултикултуралноста и соживотот (повремено е вознемирен од пукање и убиства, ама тоа е само колку да имаат работа овие од вести, после тоа се заборава…)

4. Поради природни богатства – бањи, рудници, планини, езера, реки (ги чекаат повредните генерации за да ги разработат).

5. Поради телевизиската понуда (каде на друго место во свет имаш толку многу паника, интриги, драма и сето тоа не е во ТВ серии или филмови, туку на вести. Еден од условите за да станеш спикер е да знаеш по малку да глумиш за да ги пренесеш вестите со различен интензитет на нивната важност. Пример: Имаше една госпоѓа која имаше тенденции да скокне преку екран кога читаше вести „Денес, на Зелен Пазар….(вдиши-издиши, малку драматично долго затворање на очите)…беше украден еден килограм јаболка од ОВОЈ продавач (во позадина на слика оштетениот човек)…МеЏутоа…тој нема партиска книшка и полицијата нема да му помогне…

6. Поради тоа што сите се знаеме и сме роднини и сите живееме во еден град, а можеби и сме град-држава, ама не ни кажуват…

7. Поради тоа што среќата не се купува со пари, па според тоа ние сме ретко среќна нација.

8. Поради тоа што сите сме преинформирани и знаеме сè (семејно дрво на премиер, министри, секретари на министрите, шоферите во Влада, до кога мочале во гаќи од опозиција, кој е педер, кој уште не излегол од плакарот…). Во сон да разбудиш просечен Македонец нема шанса да не те удостои со барана информација (освен ако не е сложена математичка операција, за тоа ќе мора да користи дигитрон).

9. Поради тоа што си ја чуваме традицијата (таа што не треба додуша – како сушење гаќи на тераса, правење ајвар иако е тортура за цела фамилија (добро вкусен е, да), мажење/женење зашто баба ти во комшии веќе ја прашуваат кога мисли внукот/внуката да се мажи/жени…)

10. Поради тоа што најголемите фраери и фраерки (се извинувам што го употребив зборов) се најубави, најпаметни и најјаки на зборови на Фејсбук. Во живо…кој ги видел…

11. Поради тоа што сме полиглоти (бесплатни курсеви по Англиски, Шпански, Хрватски, а од неодамна и по Турски, Бугарски и чат пат Грчки…на сите можни телевизии).

12. Поради тоа што знаеме да се снајдеме на карта на свет (за разлика од пола свет што е глуп и лута со прстот по мапата додека е во земјата во која ние само можеме да гугламе за неа).

13. Поради тоа што сме поминале и сито и решето – од некоја си „Беверли Хилс“ верзија на Северна Кореја до Авганистан. Искуството е важно во животот.

Поради тоа што можам да напишам колумна со 13 точки. Ај, какви има, добри сме…

 

К. Шошко

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.