Малцинства

mitkoТочна дефиниција за поимот малцинство нема, но може да се каже дека тоа е заедница која е бројчано помала од останатото население која практикува свои обичаи, традиција, култура религија, начин на живеење. Ова иако не е некоја конкретна дефиниција сепак најприближно може да се каже што е малцинство или како што се нарекува со понов термин: припадници на немнозинската етничка заедница. Македонија традиционално на својата територија имала голем број на малцинства и етнички групи кои постоеле на овие простори. За разлика од Европските земји Македонија е лидер во почитувањето на правата на етничките заедници. Како потврда на тоа е и најновиот извештај од Европската Унија во кој сме пофалени како сме ги интегрираме малцинствата во сите сфери на општеството без разлика дали е тоа на културен или на политички план.

Во 2008 година Европскиот парламент побара да се состави дефиниција за тоа што е малцинство и кои се неговите права. Замислете во 2001 година и во периодот што следуваше највисоки преставници на ЕУ заедно со голем број на експерти дојдоа во Македонија за да не учат како треба ние да се однесуваме со малцинствата и нивна поголема интеграција во општеството. Брисел заклучил дека правата на малцинствата не само што не се почитуваат туку и грубо се кршат од земјите членки. Исто така се зборува дека земјите-членки, со притисоците да не се зборува за малцинските права во ЕУ го уриваат кредибилитетот на Брисел во спроведувањето на надворешната политика и човековите права, или поедноставно кажано ја срамотат Унијата и и’ ги врзуваат рацете кога треба да ги оценува и критикува земјите кои не можат да се пофалат со демократија. Според тоа кредибилтетот на земјите членки не само што е нарушен туку и се гледаат двојните стандарти што ЕУ им ги наметнува на земјите кандидати . Во изминативе години можевме да забележиме како темелите за кои се залага ЕУ постепено се менуваат. Германската канцеларка Меркел изјавуваше дека мултикулурализмот е мртов и дека ситуацијата е неподнослива, додека пак Саркози со протерувањето на Ромите сакаше да покаже дека тие се оние кои ги прават проблемите во неговата родна Франција. Белгија и другите земји кои добија наплив на азиланти почнаа да им се закануваат на сите оние кои ги пропуштаат дека визната либерализација може да се укине. Швајцарија организираше референдум за тоа дали треба да се изградат минариња. Во последниве месеци во западно европските земји почнаа да стапуваат на сила забрана на носење на бурки и најостри казни за тие што не ги почитуваат. Па добро нели сите овие забрани и ограничувања не се во склоп со Европската конвенција  на правата на човекот, неговото достоинство како и правото на слободно движење во рамките на ЕУ.

Во Македонија темата малцинство е на редовен репертоар на политичките фактори. Секојдневно слушаме како малцинствата кај нас се злоупотребени, немаат никакви права, политички се маргинализирани и ред други работи. Ваквото тврдење е ноторна лага и не треба да се земе здраво за готово. Одговорно и морално тврдам дека Македонија е еднинствената земја во Европа која им има дадено најголеми права на своите малцинства. Недна земја во рамките на ЕУ до сега им нема дадено 25 % на своето малцинство да работи во државната и јавната администрација. Во ниедна земја не е дозволено двојазичност во нивните парламенти и во ниедна земја немаат универзитет на свој јазик .Ајде да не одиме подалеку да погледнеме што се случува во нашето соседство. Грција си е приказна сама по себе. Иако Европскиот суд за човекви права редовно донесува одлуки во корист на Македонците сепак Грчката држава не ги почитува. Високиот претставник на ОН минатата година во извештајот напиша дека во Грција живеат луѓе кои не се Грци по род и дека се разликуваат по нивниот јазик и обичаи,и за поздравување е дека таквиот извештај беше презентиран во ОН  но и тоа не беше доволно. Врв на целата работа беше инцидентот во Лерин каде имаше насилен упад на грчки неонацисти. Тука битно е да напоменам дека Грција на својата територија одбива да признае било какво малцинство. Бугарија е на иста френкфенција со Грција. Законот за политички партии специјално го менуваа само за да не може да му  се дозволи на македонското малцинство да формира политичка партија. И против Бугарија редовно има одлуки од Европскиот суд за човекови права каде што се осудуваат сите акти што ги има направено Бугарската држава. Во последно време се слушаат тонови од бугарската страна дека мора Македонија да го признае бугарското малцинство. Иако се тивки овие тонови верувам дека како ќе се приближуваме кон ЕУ така ќе станат погласни. Албанија има направено мал напредок спрема Македонците. За поздравување е чекорот на кој им е дадена општина со која раководат македонци. Но имаше и еден спорен момент за време на пописот во кој тие што ќе се изјаснат како не- Албанци а не живеат во општина со албанско население ќе бидат казнети со 1000 долари. За жал и уставниот суд на Албанија го потврди ова.

Македонија иако е независна веќе 21 година сепак има многу направено на ова поле. Иако некој се труди да покаже дека меѓуетничките односи се катастрофални сепак секој што ги знае работите малку подобро ќе види дека не е така. Овде може секој да биде тоа што ќе си посака. Секој може слободно да си ја практикува својата вера, религија своето учење на начин како што самиот сака. Секој може да збори на јазик на кој на него му одговара. Во почитувањето на правата на малцинставата имаме отидено најдалеку од сите. Нема држава во светот која не е мултиетничка и интеграцијата треба да подразбира и вклучување на малцинствата и во процесите на одлучување. Со интеграцијата на националните малцинства општествата се постабилни и постои поголема кохезија меѓу етничките групи. Затоа не ние туку Европа треба да учи од нас како една земја треба да се однесува спрема своите малцинства.

 

Митко Сланинкоски

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.