Пред речиси година дена пишував на тема „Охрид, Охриѓани и туризмот“ и притоа изнесов неколку тези и критики за тоа како треба да го цениме и негуваме нашиот најголем туристички бисер. Рака на срце тогаш повеќе критикував него што фалев и бев во право за тоа. Иако бев мета на најразлични коментари и напади сепак си останав на мојот став и бев убеден во тоа што го пишував и стојам 100 % зад тоа. Среќен сум зошто ги погодив сите работи како и слабите точки на она што навидум треба да биде елитно туристичко место, но тажен сум зошто не се промени ама баш ништо. Ако ги прочитатите сите весници од неделите наназад ќе видите дека Охрид се полни само за време на викенди што е доволен показател дека нешто не штима. Се гледа од вселена дека треба да се менуваат работите од корен. Дури и градоначалникот на Охрид излезе со изјава и кажа дека имиџот на Охрид е оддамна нарушен и дека ќе направи се што е во негова моќ тоа да се поправи. Иако не знам како ќе го направи тоа со оглед дека сезоната веќе е во полн ек, сепак пак како и лани ќе се надеваме дека наредната година ќе биде подобро
Бидејќи си ја сакам оваа држава посебно го сакам Охрид како град криво ми е кога гледам како буквално тонеме и не знаеме што да правиме со него. Речиси секоја година одам во Охрид по 2-3 викенда каде поминувам и имам убави доживувања од секој можен аспект, не може а да не се примети дека и цените на се живо и диво оди нагоре. Цените се пресудни за нашиот избор на тоа каде планираме да одиме. Оваа година дури и Охриѓани викаат дека „Скопјанчиштана“ што толку им сметаа изминатиот период не доаѓаат и одат за Грција на која минатата година и оставиле речиси 550 милиони евра. Да се навратам на цените. Скапо е. Тоа е факт. Да трошиш речиси 5000 денари за 3 дена е премногу дури и за македонски услови. Сите ќе ви го потврдат тоа. Јас лично не познавам човек кој отишол и не рекол дека Охрид е скап. И многу јасно дека ќе биде скап. Некој таму ја акнал концесијата со астрономски цени и сега нормално концесионерот ќе сака да си ги врати парите. Така да според мене треба прво тоа да се менува. Да се спроведуваат контроли на плажите зошто на плажа не треба да се има само шанкови, маси и столици туку треба да се има услови и за рекреативните капачи оние кои не сакаат да седат и да трошат непотребно пари. Друга работа- наплаќање за влез на плажа и тоа како што би рекле сува карта !!! За што да платам, за воздух. И сега замислете влез+ маса да седиш на која обично ќе нарачаш нешто+ лежалка од 150 денари и одма тука ти отишле некои 500-600 денари во најдобар случај. Вториот проблем- услугата. Мислам дека услугата ни го допира дното. Џабе курсеви, семинари и спотови што владата не шинува на телевизија. До МЕНТАЛИТЕТОТ е. Луѓето не се менуваат тоа е. Љубезност, топлина, милина- НЕМА, да не ти се сака да му оставиш бакшиш на келнерот. Тоа е, премногу ендемски видови има, тешко ни е да исчезнат. Како трет проблем е сместувањето. Охриѓани мора да разберат дека не може цените да бидат исти како на море. Најчесто со нивниот смештај добиваш гратис- баба, дедо или неретко во некои случаи и семејство. Едноставно не оди. Елементарни услови за малку приватност и подостоинствено смесување нема да биде на одмет. Но кога сме веќе на тема сместување тука морам да пофалам една позитивна работа, а тоа е дека почна да се воведува категоризација така да добро е да се има увид на тоа каде одиш да легнеш. Ова е новитет.
Како за крај- сметам дека треба одговорните треба малку да се запнат на оваа тема. Проблемите се тие. Ги знаеме а, предизвикот е како да се справиме со нив. Промени треба да има и тоа големи зошто како одминува времето, како поминуваат сезоните така и Охрид е се попразен и попразен. Еден туристички центар не треба да се полни за викенди- тој треба да биде полн цела сезона. Имаме што да понудиме, го имаме на рака само треба да знаеме како да го искористиме.
Митко Сланинковски
(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)
Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.