Изгубени генерации

mitkoМакедонската фудбалска репрезентација моментално според најновата ранг листа на ФИФА е на 102 место во светот. Полошо не можеше да биде. Моментално мак фудбалот го допре дното. Друштво ни прават Конго, Боцвана, Гвајана, Виетнам, Того, Малави, па дури и држави за кои прв пат слушам Антигва и Барбуда. Но не е се така црно можеме да се пофалиме дека сме подобри од  Бермуда, Мозамбик и Руанда. Кога ќе се види целата оваа ситуација логично е да се постави прашањето: случајно да не сме го згрешиле континентот на натпреварување !?! Факт е дека фудбалот во Македонија континурано тоне. Виновни се оние кои си ги ставаат личните интереси пред интересите на репрезентацијата. Репрезентацијата треба да биде светост и гордост на секој вклучувајќи и оние кои треба да се грижат за неа. Наместо да создадеме некоја основа за да можеме да мрднеме од четвртото место и да се бориме за пласман на некое Европско или светско првенство ние навиваме да ни се падне некоја топ репрезентација во група за да ќариме некоја пара повеќе. ФФМ и господата што го водат мак фудбалот никако да се опаметат. Имавме пред нас 20 години да исправиме многу работи а се доведовме во катастрофална ситуација. Е сега што се смени од нашето остамостојување па навака. Ништо.  Сите отидоа напред ние останавме да тапкаме во место. Домашното првенство ни е очајно, додека за втората и не ми се збори. На фудбалерите не им се исплаќаат платите редовно, безбедноста на некои од натпреварите не може  да се гарантира, пола тренери не ни знаат како стигнале воопшто да бидат тренери, осигурување и воопшто да немаата,а условите во кои тренираат фудбалерите се на најниско можно ниво.

Обично репрезентациите се поистоветуваат со домашното првенство. Какво ти е првенството таква ти е репрезентацијата. По поразот од Луксембург нашиот поранешен репрезентативец  Панче Ќумбев реши да проговори за состојбите во мак фудбалот. Едноставно на човекот му пукнал филмот и си кажа тоа што му лежи на душата. Најинтересната работа беше што никој не го демантираше во тоа што го кажа. Едноставно за некои проблеми се ќутело и трпело долго време. Како може да станеш шампион на Македонија ако во соблекувалната нема вода, струја или некои други елементарни работи со кои не може еден клуб да опстане. Како може да се нема соблекувална туш кабини, да нема место каде што би тренирале младите надежи. Тоа се се прашања кои се на место и за жал нема да добиеме одговор. Едноставно се ни е аматерско. Според Ќумбев дури 70 % од фудбалерите се аматери во нашата лига. Исто така загрижувачки е и здравственото осигурување. Не дај боже да се повредиш. Тогаш ти самиот ќе мора да си ги сносиш последиците. Неодамна прочитав како некој наш талент се повредил и нема кој да му ги плати трошковите. Затоа дечкото во очај зборува дека ќе потпише за оној клуб кој ќе му го плати лекувањето. Срамота е до кое дереџе се спуштивме. Зборуваме за првата македонска лига од која треба да излегуваат идните македонски таленти.

Да се стигне до репрезентацијта е гордост на секој фудбалер. Некои репрезенатции дури и не им плаќаат на репрезентативците за тоа што се во неа. Едноставно честа и гордостоста да се носи државното знаме треба да биде императив за сите. Имаше многу шпекулации за тоа кој може да игра во нашата репрезентација а кој не може. Едноставно шемите и суетата на некои луѓе проработеа па не успеавме да видиме многу фудбалери кои навистина заслужија да се најдат во националниот дрес. Исто така многу се зборуваше за корупција, наместени натпревари, обложувачки скандали и уште еден мал милион работи за кои немаше даден одговор. Селекторите се посебен дел од оваа тажна приказна. Прво почнавме со наши македонски стручњаци, па видовме дека не ни оди па решивме дека ако ангажираме некој од страна конечно ќе го пробиеме малерот. Секое ангажирање на некој селектор беше сензационално најавувано. Дека ќе се донесе промени, ќе се подмлади репрезенатацијата па дури и сите беа уверени дека сега е моментот и дека сигурно ќе се пласираме понатака. Со еден збор една иста приказна само различен автор. На моменти се чуствував како да сум доживеал дежаву. Нелогичен потег ми е да се ангажира селектор на Македонија а да не живее тука. Едноставно ФФМ им даваше таква слобода да можат да си одат дома кога ќе посакаат па дури и да водат друг клуб по нивна желба. Ангажирањето на Тошак ми беше енигма. Човекот си зимаше повеке од 10 илјади евра,не знаеше ниеден фудбалер од Македонија па дури и си коментираше натпревари од шпанското првенство. Тука нешто не чини, ама не чини во главите на оние кои го ангажираа. И конечно на новото раководство му текна. Потенцираа јасно и гласно да има: авторитет, рутина, да ги знае фудбалерите да помага во развој на мак фудбалот и пред се да биде посветен на репрезентацијата. Браво, нека им е со среќа, одлични карактеристики се бараат. Се надевам дека ќе го најдат човекот што го бараат.

Во последниве 2 години видовме огромен напредок во ракометот и кошарката. Се направија успеси, се достигнаа некои врвови кои се мислеше дека нема да се достигнат, се најдовме на чекор до квалификации на олимпијада. Почна се да се придвижува напред само фудбалот остана да тоне се подлабоко и подлабоко, па се поставува прашањето дали го достигнавме конечно дното. Се гледа дека овој народ и оваа држава е гладна за успеси, ама успехот не може да дојде сам. Тој доаѓа ако се има желба, волја, љубов и посветеност спрема она што го сакаш. Жално е генерацијата на Пандев, Попов, Новевски, Тричковски да тоне. Годините си поминуваат, а ништо не се менува. Промени мора да има, зошто ако не има ќе има уште една загубена генерација.

 

Митко Сланинковски

 

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.