Ах, тие турски серии!

mitkoМакедонскиот медиумски простор веќе со години е во коматозна состојба. На нашите телевизии се дава се и сешто. Сопствениците на медиумите ни најмалку не се трудат малку да ja подобрат ситуацијата и да дадат повеќе пари за подобрување на продукцијата. Најчесто користениот изговор кој го користат е дека го емитуваат она што народот го бара – и веројатно се во право. Тоа го докажуваат и најновите рангирања за тоа што е најгледано во Македонија. „Бурни Времиња” го држи рекордот со 300 000 гледачи, додека зад неа е „Сулејман Величенствениот” со 250 000 гледачи. Од македонската продукција најблиску до ова е емисијата „КОД” која ја гледаат 150 илјади. Ова за нас се поразителни бројки. Авторските емисии, документарните емисии како и квалитетни серии речиси и да не се гледаат на нашите телевизии, додека пак народот континуирано отапува и осиромашува на интелектуален план. Тоа е така секој реботен ден – 5 дена во неделата, а сабота и недела се оставени за репризите во случај да сте пропуштиле нешто. Морам да кажам дека многу интересна работа со телевизииве е кога ќе слушнам на „Ваше Барање”, и одма ми се отвора прашањето кој бара некоја серија да се прикажува пак од почеток. Па, зарем не се доволни 500 епизоди!? … или пак некој сака да си ја освежи меморијата.

Кај нас трендот на прикажување на серии почна поодамна. Најпрвин се почна со Касандра. Е таа серија беше феномен! Прва од таков вид во Македонија. Ја гледаше и старо и младо. За ништо друго не се збореше освен за Ранду, Касандра и Игнацио. Дури едно време почнаа да се крштеваат деца во нивна чест. Замислете кога дојде главната хероина на аеродромот во Скопје – беше пречекана со црвен тепих, небаре како да е претседател на некоја држава. Така почна се. Доживеавме инвазија од португалски и шпански серии. Тематиката беше иста за сите – само актерите беа различни. Љубов, трагедија, па пак љубов – тоа беше приказната. Карактеристично за овие серии беше тоа што нон стоп имаше плачење – и мажи, и жени. Друга  интересна работа беше што секој наслов започнуваше и завршуваше со „Љубов“: „Забранета љубов“, „Опасна љубов“, „Неповторлива љубов“, „Неостварлива љубов“ – просто неверојатно!

Потоа дојде фазата на бразилските серии, па по нив дојдоа и хрватските. Е имаше една серија, се сеќавам на неа( и таа беше со љубов) – „Забранета Љубов”. Викаа дека таа е најгледаната ТВ серија во Хрватска. Толку била гледана што РТЛ матичната куќа одлучила дека треба да се прекине да се прикажува, ама кај нас отиде до крај. Морам да кажам дека цело средно го поминав со оваа серија, па дури и мајка ми која беше најверен гледач мораше да се откаже. Интересно за оваа серија беше што сите главни ликови умреа или си отидоа од неа.

Едно време се прикажуваше и српска серија. Многу е важно да се каже дека ова серија беше направена по американски формат од по 24 епизоди со траење од по 45 мин. Супер квалитетна серија со одлични глумци и одлична приказна, која за жал не продолжи да се емитува. Морам да ги пофалам, а и да  напоменам дека едно време беше милина да гледаш серија на нашиве телевизии. Посебно ЦСИ кога почна да се прикажува. Тоа беше невидена серија за тоа време. Одлична приказна, американска се разбира, те држи прикован за стол и што е најбитно можеш да научиш нешто ново. Ама телевизиите сфатија дека тоа се скапи проекти и не можат да издржат многу со тоа темпо и затоа се одлучија за поефтина варијанта – турски серии.

Мразот го проби „1001 Ноќ” (иако никогаш не разбрав зошто така ја викаат) па дојде „Ѓумуш“, па “Лисјата паѓаат”. Koга сме кај Лисјата има податок дека неа ја гледале 62% од жените и секој 3 маж. Неверојатно нешто. Финалето на последното Светското првенство во Македонија не го гледале толку луѓе ( замислете секојдневно да ја гледате со толкав процент на гледаност).  Една работа не ми беше јасна – ај што почнаа да даваат турски серии ама кога почнаа да даваат и индиски е тоа ми беше енигма што не можев да си ја разјаснам. За првите викаме менталитетот дека ни е поблизок ама за овие вториве !!!???. И замислете Бандини имаше гледаност во просек по 200 илјади луѓе дневно.

Во последно време гледам и бугарските серии земаат замав. Се прашувам колку наши серии се прикажуваат во соседството. Барем да имаме реципроцитет. Колку ваши, толку наши, така ќе имаме шанса и ние да покажеме дел од нашата култура.

Обично за турските серии се вика дека носат морални и општествени вредности, а и биле поблиску до нашиот менталитет. Од она што можеме да го забележиме нема ништо морално или пак некоја општествена вредност. Од ваквиот тип на серии забележуваме како луѓето трчаат по пари, како секој во семејство ти е непријател, како не и веруваш ни на родената сестра, гледаме како се прават прељуби, интриги, како се злоупотребува моќта на женското тело, како е сосема нормално да се собере сопругот на сестрата и како се распаѓаат семејствата. Иако турската експертска јавност постојано го критикува овој начин на прикажување, сериите се снимаат и се прикажуваат и што е најважно сите ги гледаат. Бевме сведоци дека серијата „Сулејман Величестевениот“ не помина без контроверзии. Се протестираше пред телевизијата која го прикажува и се бараше да се прекине со прикажувањето зошто на тој начин не само што се извртуваат некои историски факти туку и се дава комплетно лоша слика за самиот султан кој е гордост на Турција . Но, на народот не му се битни тие работи. Изморени од политика и од секојдневните проблеми седнуваат пред телевизор и од попладневните часови, па до вечерните имаат цела палета на серии од секаков тип. Се разбира тематиката е позната љубов, интриги, па кога тоа ќе стане досадно убиј некој лик и тоа се пак од поново.

Социолозите предупредуваат за овој феномен. Овие серии предизвикуваат еден вид на зависност. По завршувањето на една серија се создава празнина која мора да се надополни со друга серија. Од друга страна тоа се нуди на нашите телевизии. Актерите наместо да земат учество во некоја наша серија тие земаат учество да синхронизираат гласови во турските серии. Речиси на сите програми има турски серии. Понудата за жал ни е многу слаба во овој момент. Профитот е неминовен во овој случај. Рекламите и гледаноста на сериите си го прават своето. Ако една серија трае 40 мин заедно со реклами трае 1 саат и 30 мин, плус колку повеќе трае серијата толку подобро. Затоа, ако на пример серијата има 70 епизоди ние правиме да има 130, со тоа што даваме и 15 мин реприза од претходната епизода.

Овој народ конечно треба да созрее и да сфати дека културата на некој начин ни е нападната и дека секојдневно се труеме со овие глупости и дека ни се презентира нешто што не ни е својствено. Телевизиите нема да мрднат со прст да направат да ни презентираат добра програма зошто ние дозволуваме тоа така да биде. Затоа останува само на времето да ни покаже дали ќе направиме добар избор или не.

 

Митко Сланинкоски

 

(Објавувањето колумни, мислења, ставови, писма и текстови од надворешни автори е одраз на намерата на „Хајд Парк“ да даде простор на секого кој сака да се искаже. Но, напоменуваме дека мислењата и ставовите изнесени тука, не се одраз на ставовите на „Хајд Парк“ и целосно се оградуваме)

Доколку сакате и вие да ни испратите мислење, став, писмо, текст или дело од било каков вид, тоа можете да го направите на следниот линк.